Фото: МИА

Две третини од учениците ги претпочитаат стручните школи, практиката се изведува во 560 компании

За да може да се реализираат почнатите реформски процеси, неизбежно е да се зголемат издвојувањата на средства за образованието од БПД, од сегашните 3,7 на 5 отсто, пресметаа од Стопанската комора на Македонија

Од една компанија во 2017 година, во учебната 2021/2022 година бројката на вклучени компании што реализираат практична настава за учениците од дуалното образование порасна на 211 компании, а во учебната 2023/2024 година, таа е двојно поголема и изнесува 560 компании. Ова се бројки за респект, покажува анализата на Наташа Јаневска, проектен менаџер во Стопанската комора на Македонија.

Порасната е и бројката на вклучени стручни училишта во дуалното образование, од едно училиште со една паралелка во 2017 година, на 61 училиште со 259 паралелки во 2024 година, а 70 проценти е бројката на ученици запишани во стручното образование во последните две години. Во 2013 година, Комората јасно порача дека воведувањето на дуалното образование е најефикасен начин за решавање на проблемот за обезбедување соодветна работна сила преку интеграција на образованието и обуката во процесот на обезбедување стручни знаења.

– Комората ја исполни својата цел, но сепак, дуалниот модел на образование, и по седум години, и покрај неколкуте обиди за негово системско уредување, сè уште е пилот проект што сериозно може да влијае врз неговата одржливост?! Но, сето тоа може да се промени ако се има волја за системско уредување на дуалното образование преку донесување на Законот за стручно образование и обука што може да нè одведе до воспоставување функционален образовен систем, кој ќе ги следи потребите на пазарот на труд и ќе образува квалитетни кадри. Потребен е нов пристап во наставата и ориентираност кон вештините и компетенциите, поткрепени со практичната обука, решавање проблемски задачи и знаење што ќе биде употребливо за да се добие додадена вредност на работењето и нов пристап во начинот на оценување на учениците преку вреднување на практичното знаење на ученикот, наместо фактографско меморирање – додава Јаневска.

Финансиите, пак, се најважниот фактор за квалитетно образование и тоа стабилно финансирање што ќе биде доволно за унапредување и модернизирање на образовните процеси и работните услови, констатираат од СКСМ, а тоа директно на новата министерка за образование и го предочи и претседателот на Комората Бранко Азески на нивната прва средба.

– Во таа насока, за да може да се реализираат почнатите реформските процеси, неизбежно е да се зголемат издвојувањата на средства за образованието од БПД, од сегашните 3,7 на 5 отсто. Се разбира, тоа не може веднаш, поради состојбите во кои се наоѓа државата како резултат на разните кризи, но можно е со конзистентно покачување во текот на пет години, секоја година по 0,30 отсто. Ваквото барање го оправдуваме со фактот дека средствата што сега се одвојуваат не само што не се доволни, туку се и далеку под просекот предвиден од ОЕЦД кој изнесува 5 отсто – пресметале од Комората.

Инаку, Комората и Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан, преку Германската банка за инвестиции (KФВ) обезбедија финансиски средства за модернизација со машини и опрема во висина од 150 до 600.000 евра на конзорциуми составени од училишта/факултети и компании за реализација на дуалниот модел на образование. На првиот повик се обезбедени 3,4 милиони евра за осум конзорциуми, на вториот повик се обезбедени 2,72 милиони евра за шест конзорциуми од нашата земја, а третиот повик се обезбедени 951.905 евра за два конзорциума.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот