
Двајцата поранешни градоначалници на Кочани префрлени во домашен притвор, Обвинителството се жали
Судот во Кочани попладнево им одобри замена на мерката притвор со домашен притвор на двајцата поранешни градоначалници на градот, кои се осомничени за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, Ратко Димитровски и Николчо Илијев. Во домашен притвор оди и поранешната директорка на Државниот пазарен инспекторат осомничена во случајот.
Препорачано
Актуелниот градоначалник, Љупчо Папазов, како и уште 13-мина осомничени остануваат во затворски притвор, откако Судот ги одбил нивните жалби за мерката. Обвинителството вложило жалба на судската одлука за двајцата поранешни кочански градоначалници.
„Постапувајќи по поднесени жалби од вкупно 17 осомничени, Основниот суд Кочани ги одби жалбите на 14 лица и ја потврди мерката притвор. За три лица мерката ефективен ја замени со куќен притвор. За двајца од нив, поранешни градоначалници на Кочани, ОЈО Кочани вложи жалба пред Апелацискиот суд Штип и побара да опстои мерката ефективен притвор“, велат од Обвинителството.
За поранешна директорка на ДПИ, која во жалбата изнела околности и причини поради кои треба да се замени мерката, Обвинителството е согласно дека мерката куќен притвор е адекватна, додаваат оттаму.
Во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, загинаа 59 млади луѓе, а околу 200 беа повредени. Истрагата покажа дека објектот не исполнувал речиси никакви стандарди и услови за да функционира како кабаре, за што имал фалсификувана лиценца.