мајмунски сипаници фото МИА

Двајца пациенти во Македонија имаат мајмунски сипаници, болеста за првпат потврдена кај нас

Денес во Институтот за јавно здравје од Kлиниката за кожни болести биле упатени двајца пациенти, кај кои ИЈЗ потврдил дека се заразени со болеста мајмунски сипаници, соопшти Институтот, наведувајќи дека се направени лабораториски испитувања на три различни начини.

„Бидејки за првпат во нашата држава се лабораториски потврдени мајмунски сипаници, по добиените резултати, веднаш се реагираше, преземени се мерки и известени се надлежните институции, Министерство за здравство, Клиниката за кожни болести, Инфективна клиника и др. Согласно протоколите по добиеното известување, докторот кој ги примил пациентите ги информира пациентите за добиените резултати. Потоа следи епидемиолошка анкета од страна на епидемиолози од Институтот за јавно здравје. Стручни лица епидемиолози од ИЈЗ се вратени на работа и пристапија кон епидемиолошко анкетирање на двете лица, како би се добиле податоци кои би биле исклучително важни за понатамошно постапување. Анкетата е се уште во тек“, велат од ИЈЗ.

Ќе биде препорачано на позитивните пациенти да се јават на Инфективна клиника. Институтот за јавно здравје ќе продолжи да ја следи состојбата. Од ИЈЗ уверуваат дека во моментов нема простор за паника, бидејќи брзо и навремено институционално се преземаат сите потребни мерки.

„Вечерва се мобилизирани сите институционални капацитети за надминување на последиците од ваквата појава и се превземаат сите превентивни мерки. Во текот на утрешниот ден ќе следат подетални информации за јавноста“, велат од ИЈЗ.

Мајмунските сипаници, познати и како „mpox“, се вирусна болест слична на сипаниците, која предизвикува треска, осип и воспаление на лимфните јазли. Иако обично има благ тек, кај лица со ослабен имунитет може да предизвика потешки симптоми.

Во периодот 2024–2025 година, Европа се соочи со нов бран на mpox, предизвикан од варијантата Clade Ib, која потекнува од Централна Африка. До февруари 2025 година, во 29 земји од ЕУ/ЕЕА беа пријавени над 23.800 потврдени случаи, со најмногу случаи во Шпанија, Франција и Германија. Иако повеќето случаи беа благи, се пријавени и смртни случаи во неколку земји, вклучително и Шпанија и Белгија .

Болеста главно се пренесува преку близок физички контакт, вклучително и сексуален, што доведе до таргетирани кампањи за вакцинација и зголемено следење на контактите. Сепак, мутациите на вирусот и намалувањето на имунитетот по вакцинацијата во 2022 година предизвикаа загриженост за можни нови бранови.

Светската здравствена организација (СЗО) прогласи вонредна состојба од меѓународно значење во август 2024 година, нагласувајќи ја потребата од координирани напори за контрола на ширењето на вирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот