
Двајца македонски работници работат како еден европски – работодавачите констатираат очајна продуктивност
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, порача дека само задоволни работници се продуктивни, а непродуктивните работници се незадоволни не само од платите, туку и од условите за работа. Додека не се смени Законот, минималецот ќе остане на 24.400 денари
Социјалниот дијалог е на високо ниво, а Владата и работодавачите ќе го почитуваат актуелното законско решение за минималецот, што ќе рече дека – до догодина ќе остане сумата од 24.400 денари. Владанка Трајковска, претседателка на Организацијата на работодавачи, вели дека тие го почитуваат Законот, а за понатаму ќе се види.
Препорачано
-Нам веќе не треба да ни биде предизвик минималната плата, туку зголемувањето на сите плати во земјава, а тоа е можно со зголемена продуктивност – рече Трајковска. И заменик министерот за економија Марјан Ристески се согласува со нејзиниот став, притоа додавајќи дека повеќе треба да зборуваме за зголемена продуктивност која ќе донесе повисок економски раст и зголемени плати.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, порача дека само задоволни работници се продуктивни, а непродуктивните работници се незадоволни не само од платите, туку и од условите за работа.
-Зошто нашите работници кои работат секаде низ регионот, а и во ЕУ се задоволни? Бидејќи нивните плати се дури четири пати повисоки од оние кои ги земале во Македонија. За жал, двата социјални партнери немаат слух за нашите барања за зголемени плати, па оттука земјава остана на опашката со минималецот, откако и Србија од 1 октомври ќе го зголеми на 500 евра, колку што беше и нашето барање – порача Трендафилов пред почетокот на одбележувањето на дваесеттата годишнина на ОРМ, која е во знакот на Конференцијата „Продуктивноста на македонските компании е загрижувачки ниска, време е за решителни и суштински реформи“.
Истражувањето кое за ОРМ го спроведе Фајненс Тинк, покажа загрижувачки тренд на намалување на севкупната продуктивност на македонските компании, што значи дека тие стануваат се помалку ефикасни во користењето на трудот и капиталот.
-Продуктивноста на македонските работници е 50 отсто од онаа на европските, што значи дека двајца домашни работници работат како 1 европски. За да ја зголемиме продуктивноста мора веднаш да дејсвуваме, со добро осмислени реформи, кои ќе ја подобррат бизнис климата и ќе ја намалт сивата економија. Потребно е и да се зголеми пристапот до финансиите особено за малите и штотуку формираните претрпијатија – посочи претседателката на ОРМ, Трајковска. Она што е забележително е дека компаниите со странски сопственици имаат дури четири пати повисока продуктивност од домашните, додека извозно ориентираните се значително попродуктивни од оние што работат исклучиво на домашниот пазар.