Фото: МИА

Дваесет и четири години од нападот кај Карпалак во кој беа убиени 10 прилепски резервисти

Во Прилеп и во месноста Карпалак денеска ќе бидат одбележани 24 години од загинувањето на армиските резервисти: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.

Повеќе делегации ќе ги посетат вечните почивалишта на загинатите, во Прилеп и населените места, а ќе биде посетена и месноста Карпалак каде на 8 август 2001 година во заседа загинаа 10-те прилепски бранители, кога беше нападнат армискиот конвој.

Делегација на Собранието во состав Биљана Кузманоска, Пеце Милевски и Миле Талевски, ќе положи цвеќе пред комплексот Карпалак во центарот на Прилеп.

Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одбележат 24-годишнината од загинувањето на армиските припадници кај месноста Карпалак.

Во Прилеп вчера почна одбележувањето на 24-годишнината од загинувањето на прилепските армиски резервисти кај Карпалак, со поклон пред спомен-обележјето во кругот на касарната „Мирче Ацев“.

Потполковникот Сашко Палески, командант на гарнизонот „Мирче Ацев“ во Прилеп истакна дека спомените за загинатите ќе се чуваат, со порака – никогаш да не се повтори.

Почит на загинатите пред спомен-обележјето во касарната оддадоа повеќе делегации, како и семејствата на загинатите и здруженија на бранителите.

Во чест на загинатите бранители, вчера беше посетен нивниот споменик во прилепското село Лениште и манастирот „Света Петка“ каде се одржа вечерна богослужба.

На 8 август 2001 година, за време на конфликтот, кај месноста Карпалак, на патот Скопје – Тетово, армискиот конвој беше нападнат од заседа. Животот го загубија десет резервисти на Армијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот