Пензионери / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Два милиона евра „лежат“ во пензискиот фонд и си ги бараат сопствениците

Проблемот со нераспределени средства со години се провлекува. Еднаш заврши и во Јавното обвинителство, но немаше виновник. Кој ќе одговара за тоа што некому еден ден можеби ќе му пресметаат помала пензија отколку што реално заслужува?

На уплатната сметка на Фондот за пензиско инвалидско осигурување – сметка за уплата и распределба на придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, на крајот на 2022 година имало нераспределени 127.551.000 денари (околу 2 милиони евра) кои Фондот не може да ги користи за исплата на пензии, а осигурениците немаат можност да ги остварат правата од пензиско и инвалидско осигурување! Ова е една од многубројните забелешки за работењето на Фондот за ПИО наведена во Извештајот на Државниот завод за ревизија.

„Нераспределените средства произлегуваат од неконзистентни (неалоцирани и неидентификувани) износи на уплатен придонес, кои не се распоредуваат автоматски поради одредени несовпаѓања: неалоцирани уплати најчесто настануваат при уплата на придонес за работа со скратено работно време и времено ангажирани лица, за кои Фондот нема добиено соодветни пријави/одјави за вработување и регистрација на обврзник; неидентификувани уплати настануваат како резултат на поднесени месечни пресметки за плата со неточни податоци или со променети матични односно даночни броеви или, пак, при делумно или погрешно (повеќе или помалку) уплатени средства од страна на обврзниците“, пишува ви Извештајот.

Според ревизорите, работите се решаваат во од. За едни нераспределени пари се прават решенија, но во меѓувреме се трупаат други.

„За разрешување на дел од неидентификуваните уплати, Фондот континуирано носи решенија за поврат на средства за погрешно уплатените износи, изготвени од Одделението за наплата на придонес врз основа на поднесено барање, но наплатата е со мал ефект. Од друга страна, во информацискиот систем редовно се генерира Извештај за неконзистентни уплати, кои поединечно треба да се решат и да се распределат по осигуреници од страна на вработените во подрачните единици на Фондот“, пишува во ревизорскиот извештај за работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Но, прашање е дали во даден момент, кога некој ќе оди во пензија, реално ќе му биде пресметана. Особено е дискутабилен дел од пензискиот придонес што се префрла во вториот столб, затоа што во приватните задолжителни пензиски фондови тие што членуваат си имаат свои сметки, а нивните пари се оплодуваат, остваруваат приноси и така тоа е еден вид инвестиција за пензиските денови. Според ревизорите, од 2006 година Фондот постапувајќи по Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, формира организациска единица надлежна за работи поврзани со вториот пензиски столб, при што се преземани активности за распределба на нераспределените осигуреници во вториот столб, а воедно и за разрешување на неконзистентните уплати.

Но, ако погледаме наназад, за вакви нераспределени средства се зборуваше уште во времето на министерувањето на Мила Цароска, која објави дека по барање на Министерството за труд и социјална политика, консултант на Светска банка направил анализа и таа покажала дека од 2007 до 2018 година постојат 12.000 осигуреници што се опфатени во системот на задолжително пензиско осигурување, а не се евидентирани како членови на приватните пензиски друштва. Односно, за нив делот од 6 проценти од придонесите не е пренасочен во некое приватното пензиско друштво, туку си седат нераспределени на сметката на државниот Фонд за ПИО. За ова, тогашната министерка Цароска поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластувања. Јавното обвинителство одлучи дека нема место за јавнообвинителско постапување затоа што „прераспределбата на дел од осигурениците во вториот столб не била извршена навреме поради проблем со софтверот“.

Кога ќе одите во пензија молете се да ви се ажурирани податоците

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот