
ДУИ со реакција за електронскиот попис – власта сака да направи дигитален инженеринг против Албанците
Демократската унија за интеграција остро реагираше на најавите од премиерот Христијан Мицкоски и Владата за спроведување на електронски попис во 2026 година, обвинувајќи дека станува збор за националистичка агенда со цел исклучување на Албанците од институциите и системот.
Препорачано
Во реакцијата, ДУИ потсетува дека уште во 2022 година, Мицкоски јавно ги оспори резултатите од пописот на населението, каде беше утврдено дека Албанците сочинуваат 29,5% од вкупната популација.
– Тој тогаш вети дека штом ќе дојде на власт ќе организира електронски попис за да ги „коригира“ резултатите. Тоа не беше техничка изјава, туку политичка порака – дел од серија ветувања со слоганот „да им се покаже местото на Албанците“ – стои во реакцијата на партијата.
– Уставниот суд, Јавното обвинителство и други тела активно работат во служба на оваа агенда – укинување на Балансерот, уривање на механизмите за заштита од мајоризација, исклучување на албанскиот јазик, систематско маргинализирање на Албанците во администрацијата, безбедносните служби и армијата – наведуваат од партијата.
Според ДУИ, коалицијата Вреди ја легитимира политиката на ВМРО-ДПМНЕ.
– Уценети и заробени, тие создаваат лажна слика за мултиетничност на владата. Албанците не се наивни и никогаш нема да прифатат да бидат предмет на „дигитален инженеринг“, дури и ако во тој процес учествуваат Албанци од Вреди – велат од ДУИ.
Тие порачаа дека овие обиди нема да поминат и дека ќе се спротивстават со сите демократски средства на ова.