Додик и Стоилковиќ во Скопје / Фото: Фејсбук / Иван Стоилковиќ

ДУИ бара оставка од вицепремиерот Иван Стоилковиќ

Младите на ДУИ бараат итна оставка од вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ и јасно дистанцирање на Владата „од антиалбанските и антизападните агенди“.

Како што беше речено денеска на прес-конференција, одликувањето „Војвода Вук“ кое му беше доделено на вицепремиерот Стоилковиќ од Здружението на српските доброволци од војните 1912-1918 година е сериозна навреда за албанскиот народ.

-Го креваме нашиот глас против срамната провокација која ги шокира сите Албанци. Одликувањето „Војвода Вук“ кое му беше доделено на вицепремиерот Стоилковиќ е сериозна навреда за албанскиот народ и отворено исмејување на нашата историја. Ова е отворена поддршка на проектот „српски свет“ и на руската агенда во регионот. Овој човек не е министер за мир или соживот, туку алатка за дестабилизирачки проекти кои сакаат да ги вратат стравот и поделбите на Балканот. Дали е ова лицето на Владата која им вети на граѓаните еднаквост и евроатлантска интеграција? Како може да се молчи кога човек кој треба да го брани Охридскиот договор е награден за глорификација на оние кои го масакрирале албанското население во периодот 1912 – 1918? Но, тоа не беше доволно, официјалните посети и прегратки со Милорад Додик, водачот на проектот за поделба и уништување на регионот, отворено покажуваат за кого работи овој министер и кој ги води државните институции денес, рече Ветон Садику, потпретседател на огранокот на младите на ДУИ од Гостивар.

Според Садику, „оваа држава не смее и не може да биде тло за глорифицирање на геноцидот, како и за враќање на мрачните проекти кои сакаат да ги поделат народите на регионот“.

-Ние, младите на ДУИ и млади Албанци, бараме веднаш оставка од министерот и јасно дистанцирање на Владата од антиалбанските и антизападните агенди. Ние сме тука да ја заштитиме нашата иднина и правото на достоинство. Нема да дозволиме Албанците да бидат прегазени од оние кои се уште живеат во темното минато, напомена Садику на прес-конференцијата пред Министерството за односи меѓу заедниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот