
Држењето на Балканот надвор од ЕУ е неразумна политика
Проширувањето на Европската Унија кон Западен Балкан е предуслов за стабилна и просперитетна иднина на Европа. Одложувањето на почетокот на преговорите со Северна Македонија не е разумно. Не само тоа, тоа е и политички и морално погрешно, со тоа се поткопува авторитетот на ЕУ – рече словенечкиот претседател Борут Пахор.
Со пораки за заедништво и поголема регионална соработка, решавање на споровите и отворање на патот кон ЕУ за земјите од Западен Балкан, како и за поблиска соработка со САД помина вториот ден од големиот Преспа-форум за дијалог што се одржа вчера во Охрид. „Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западен Балкан“ беше насловот на главниот панел, кој го отвори шефот на државата Стево Пендаровски, а потоа свои обраќања имаа претседателите на Црна Гора и на Словенија, Мило Ѓукановиќ и Борут Пахор, помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер, како и еврокомесарот Јоханес Хан. Меѓу учесниците беа и премиерот Зоран Заев, премиерите на Србија, на Косово и на Албанија, Ана Брнабиќ, Албин Курти и Еди Рама, претседавачот на Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, шефот на полската дипломатија Збигњев Рау, австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг, генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка Мајлинда Брегу и други.
Препорачано
Претседателот Пендаровски побара од САД и Европската Унија да им помогнат на земјите од Западен Балкан да се воспостави нова синергија и рестартирање на регионот, како и заедничка соработка. Пендаровски посочи дека потребно е да се направат реформи, кои луѓето ќе ги направат среќни и младите да останат во своите земји.
– Не зборувам само за интеграцијата во ЕУ, туку за вистинските реформи на терен и среќата на луѓето која им недостасува. И би сакале уште толку години да видат напредок во нивните општества и во следните 3, 5, 10 години, да ги забавиме негативните процеси – рече Пендаровски.
Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер повика на враќање на довербата во ЕУ.
– Повеќе од две децении визијата за соработка на САД со ЕУ за Западниот Балкан мотивираше форми што помагаа да се усвојат заедничките вредности и во трансатлантската заедница. Сите знаеме дека кредибилитетот и влијанието на Европската Унија во регионот сега е на многу ниско ниво, затоа сите земји-членки мора да работат за одново да го воспостават тој кредибилитет на Западниот Балкан – изјави Рикер.
Словенечкиот претседател Пахор најави дека Словенија, која е актуелен претседавач со ЕУ, ќе направи се за деблокирање на процесите на интегрирање на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ. Активностите во таа насока ќе почнат веќе наредната седмица, кога заедно со премиерот и шефот на словенечката дипломатија ќе отпатуваат за Софија.
– Проширувањето на Европската унија кон Западен Балкан е предуслов за стабилна, просперитетна иднина на Европа. Одложувањето на почетокот на преговорите со Северна Македонија не е разумно. Не само тоа, тоа е и политички и морално погрешно, со тоа се поткопува авторитетот на ЕУ – рече Пахор.
Премиерот на Албанија, Рама, во својот говор повика на поголема соработка меѓу земјите од регионот за тие да не останат заложници на одлуките на ЕУ и старите конфликти. Рама потсети на проблемите што сè уште постојат во регионот, како оној меѓу Косово и Србија и рече дека овој конфликт не треба да го спречува развој на другите земји во регионот. Според премиерот Рама, најдобриот начин за подобрување на животот на жителите во регионот е отстранување на бариерите за луѓето, стоките и капиталот.
Претседателот на Црна Гора Ѓукановиќ посочи дека нејасната политика на ЕУ кон Западниот Балкан води кон пад на евроентузијазмот, што пак остава простор за пенетрација на трети страни и појава на лоши политики во регионот.
– Затоа мораме постојано заеднички да го туркаме процесот на интеграција на Западниот Балкан. Нема дилеми ниту префрлање на одговорноста врз други. Најважниот дел од работата мораме да го завршиме во своите дворови. Сакаме да ги исполниме стандардите и да бидеме полноправни членови на ЕУ, но и рамноправни партнери – рече претседателот на Црна Гора.
На конференцијата се обрати и собранискиот спикер Талат Џафери, кој посочи дека и Охридскиот договор, како и Преспанскиот, се покажа ефикасен инструмент за демократизација на земјата.
– Се надевам дека Договорот потпишан со Република Бугарија за пријателство, добрососедство и соработка ќе биде ваков модел и набрзо, со позитивно рефлектирање на Република Бугарија ќе се овозможи и првата меѓувладина конференција Република Северна Македонија – Европска Унија – рече Џафери.
На главнaта панел-дискусија претседателот на ДУИ Али Ахмети рече дека Договорот од Преспа е големо достигнување и целиот Балкан е Европа.
– Овој договор го зајакна мирот, стабилноста, ги зајакна и меѓуетничките односи. Ова е големо и историско достигнување, историја направија Германија и Франција кои склучија примирје и ние треба да го земеме тоа како модел овде во регионот на Западен Балкан. Не беше лесно, но требаше храброст и ние да го сториме тоа и да го поставиме како стандард за идните генерации, бидејќи со вековно непријателство не може да се направи ништо – рече Ахмети.
На Меѓународната конференција „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна“ учествуваат приближно 300 учесници, високи домашни претставници, високи претставници на Европа и САД, претседатели, премиери, министри за надворешни работи, генерални секретари на меѓународни организации, европратеници, претставници на граѓанскиот сектор. За настанот се акредитирани повеќе од 100 домашни и странски новинари.
Прием за Филип Рикер во вила „Билјана“
Претседателот Стево Пендаровски вчера во вила „Билјана“ во Охрид го прими Филип Рикер, вршител на должноста помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања. На средбата беше разговарано за остварувањето на надворешно-политичките приоритети на Република Северна Македонија, за унапредување на односите со САД, за интеграцијата во ЕУ, како и за актуелните состојби во регионот. Соговорниците ги потврдија партнерските односи меѓу Република Северна Македонија и САД, одличната соработка и сојузништвото во рамки на НАТО, како и подготвеноста за натамошно интензивирање на соработката во сите други области, соопшти Кабинетот на Пендаровски.
Средба Брнабиќ-Заев на маргините на форумот
Премиерот Зоран Заев на маргините на „Преспа форум за дијалог“ вчера се сретна со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ. Зaев и Брнабиќ се согласија дека настанот во Охрид организиран по повод три години од Договорот од Преспа го слави успехот на дијалогот и го подобрува имиџот на Балканот.
Србија и Северна Македонија, нагласија претседателите на владите на двете земји, негуваат исклучително блиски односи.
На средбата беше договорено итно да се обезбедат сите услови за целосна функционалност на системот за контрола на границата меѓу двете земји, со кој граѓаните ќе ја поминуваат границата со едно застанување.
Ахмети и Рама: Заедно и во ЕУ
По членството во НАТО, Северна Македонија и Албанија наскоро ќе бидат дел од големото европско семејство, бидејќи мирот, стабилноста и добрите односи со соседните земји се на вистинско ниво. Националистичките и конзервативните политичари само градат sидови и суштински не менуваат ништо. Современите политичари, наместо sидови, градат мостови за мир и стабилност, порачаа од вчерашната средба во Охрид претседателот на ДУИ, Али Ахмети, и премиерот на Албанија, Еди Рама.
Во оваа пригода, Ахмети му го честиташе на Рама третиот мандат.