
Државотровна партија
Денес, нашата сувереност почна да бледее и да се смалува, да се дупчи и дроби, и да исчезнува. Наместо позитивна, материјална и одзрачувачка, таа е негативно дефинирана како празнина што е исполнета со ништо, празнина што е негативно дефинирана од сувереноста на соседите.
Со свечениот и траорен татнеж на топовите вчера на зајдисонце, и со културната тишина и летаргија на народот, ја обележавме безмалку јубилејната 34. годишнина од слободно изразената волја за народот за независна Македоња (уште само 66 годинки до јубилејната вековна годишнина!). Откога изненадени од историската среќа што без испукан куршум и пролеана крв, практично без да се поместиме од ѓољот во кој таа жешка 1991 година си ги ладевме јајцата, еве веќе полна третина од век уживаме во остварувањето на „вековната борба (на македонскиот народ и деловите од народите со кои соживее) за национална и социјална слобода и за создавање своја држава“, и секој ден се будиме со погледите вперени кон иднината и упорно чекаме конечно да ни тргне на подобро, кон остварување на целите на државниот проект и отелотворување на уставните ветувања за подоброто утре.
Препорачано
Според уставната преамбула, нашето државно и животно кредо, во авантурата на независноста влеговме „свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на сѐ што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, (…) (та) одлучи(вме) да ја конституира(ме) Република Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот (…)“, и така натаму и на тоа слично.
Интересно е што за целово ова време на уживање во рајската градина на остварениот вековен сон, не си дозволивме да направиме една домаќинска сметка за тоа кои од уставните цели и темелни вредности и во која мерка се – ако воопшто се – остварени, и колку ни било подобро пред да ни се оствари „вековниот сон за своја држава“, во југословенската „ѕандана на народите“, и, конечно, колку навистина ни е подобро – или полошо – откога станавме „свои на свое“. Еве ни прилика макар бегло да прелетаме преку овие веќе никому важни ефемериди.
Првин првото: самостојноста и сувереноста на македонската држава. Нема да должам со листа на докази за нешто што е очигледно како слон во дневната соба. Најизразената и најбезбедната самостојност и сувереност во историјата на македонската држава, таа ја имаше остварено во СФР Југославија. Од моментот кога ја прогласивме независноста и кога Глигоров и Кљусев егзалтирано го отворија националното пенливо вино „Фрушкогорски бисер“, нашата сувереност почна да бледее и да се смалува, да се дупчи и дроби, и да исчезнува. Денес, наместо позитивна, материјална и одзрачувачка, каква што беше тогаш, таа е негативно дефинирана како празнина што е исполнета со ништо, празнина што е негативно дефинирана од сувереноста на соседите.
И натаму, по ред: земја во која треба да се воспостави и зацврсти владеењето на правото (цитирам од Уставот). Додека бевме во рамките на југословенската федерација, на територијата на денешна Македоња Вечна, беше воспоставено и практикувано веројатно најсолидното владеење на правото во Европа, во светот, а безбели и многу, многу пошироко, во безмерната вселенска шир. Потоа, во независноста во која безмерно уживаме, успеавме да ја демонтираме – постапно но одлучно и бескомпромисно – целата сложена повеќедимензионална структура на уставно-правниот поредок, ја уништивме независноста и интелектуалната самосвест на судството, го корумпиравме општеството од општина до влада, и од службеник до претседател; ги изопачивме сите морални вредности (денес крадците се херои, а безмилосните кољачи и убијци добиваат бронзени скулптури), и на тој пат на културна, морална и рационална самодеструкција продолжуваме сѐ подлабоко и подлабоко. Без какво и да е претерување или карикирање, може да се тврди дека според исполнетоста на Копенхашките критериуми или вредностите запишани во основачките акти на ЕУ, за Европа бевме суштински најподготвени 1991, а од тогаш сме секоја година сѐ подалеку и подалеку (со значителни варијации на надолната линија: кога е ВМРО-ДПМНЕ на власт линијата застрмнува удолу безмалку до вертикала, додека за време на владите на СДСМ таа мачно и неубедливо успева само да го намали наклонот).
„Да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи“ е можно само во држава во која владее правото и правдата, така што за граѓанските слободи во суров неолибералистички капитализам, кој е целото време во својата примална рептилска фаза од развојот, практично и не може да стане збор. Додека во „она време“, слободата и безбедноста на движењето беше неприкосновена и на вселенско ниво, а работничките и човечките права на ниво што денес веќе не изгледа дека е реално, денес постои општа сомнеж – кое кај многумина со дупка во главата – е веќе и убедување, дека тоа воопшто и не се случило.
„Да се обезбеди мир и соживот“ ја бележи истата удолна линија од моментот на прогласувањето на независноста па до денес. Оваа линија на „мир и соживот“ имаше свои вертикални падови, како што беше сецесионистичката граѓанска војна 2001, и помирни наклони на кои се можни зимските спортови, но факт е дека сите вистински параметри за соживотот се во континуиран и ќе да е иреверзибилен пад. Сѐ е помал бројот на мешани бракови, сè е поголема гетоизацијата на етничките ентитети (да се изразам народски), сѐ помалку млади Албанци знаат македонски, и сè помалку млади Македонци помислуваат да научат некој збор албански; националистичкиот наратив и во двата најголеми политички кампа е целово време најсигурната предизборна карта за добивање на изборите. Времето на историски најразвиениот соживот помеѓу народите на Македоња, помина заедно со тапиот звук на сандакот, пред триесет и кусур години, кога егзалтирано забивавме клинци во ковчегот на мајката родилка.
И конечно, да се обезбедела „социјална правда и економска благосостојба“ во суверена и независна Македоња, ајајајајај мајко мила, ваква сурова шега не би смеела да стои во Уставот! Не дека некој го чита или пак дека таа одвратна лага врежана во гранитната уставна преамбула нешто воопшто значи во реалноста, но сепак, таа би требало да се исфрли од Уставот макар заради морални и естетски причини. Заради образот на нацијата, којшто е толку материјален и присутен колку што е реална социјалната правда во едно приватизирано капиталистичко општество во кое разликите помеѓу платите или имотот на најбогатите 1 насто и најсиромашните 50 насто се во рангот на односот 1:1000.
Колку сме заглупавиле како општество: од најегалитарното општество на планетата, од југословенскиот социјализам кој ја оствари најголемата еднаквост, рамноправност, братство и солидарност во историјата на светот, прејдовме – со плебисцит и со „Фрушкогорски бисер“ – во рептилски капитализам во кој безмалку 90 насто на луѓето примаат плата под просечната, која, очигледно со малоумна математика односно со аритметичка средина ја креваат на нејзината потполно нереална и бесмислена вредност трите насто најбогати.
Најголема благодарност за надолниве тенденции што ја убиваат надежта за подобро утре ѝ ја должиме на партијата на власт ВМРО-ДПМНЕ; партија чијашто претходничка ВМРО беше основана од царската бугарска тајна служба 1920 со единствена цел да ја оддели Македонија од Кралството Југославија и да ја припои на Бугарското Царство. Единствените постигнувања на ВМРО беа илјадниците братоубиства на Македонците што не сакаа да ѝ плаќаат рекет на ВМРО помеѓу двете светски војни, и потоа, во Втората светска војна, стотиците млади комунисти, македонски борци за слобода, што вмровските контрачети и гестаповци ги мачеа и убија.
Сите овие 34 години независност оваа партија паразитира на државните дамари за признавање, меѓународно интегрирање и опстанок, што ги оствари СДСМ и другите конструктивни политички сили во земјава. Но, попусто. Народот мацедонски ја достаса својата најниска интелектуална и морална точка давајќи ѝ силен мандат на оваа државотровна партија да владее како сака, во тишина и сенародна когнитивна парализа. Погледот наназад се нарекува сенилна носталгија, а погледот нанапред е поглед во празно. Тоа што националистичкиот патриотизам на ВМРО-ДПМНЕ е самоубиствена опција за македонскиот државен проект, веќе не е интересна тема. Па, нека ви е честита скоро јубилејната годишнина на татковината, горди Македонци!
(Авторот е архитект и универзитетски професор)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“