Прес-конфереција на ЗНМ по повод Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторствата против новинарите / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Државниот јавен обвинител ѝ се обрати на новинарката на „Слободен печат“ Мирослава Симоновска: Те уверувам, интензивно постапуваме – осудувам незаконско следење и снимање новинари

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски по повод Меѓународниот ден за спречување на неказнивоста врз новинарите директно ѝ се обрати на новинарката на „Слободен печат“ Мирослава Симоновска уверувајќи ја дека Јавното обвинителство интензивно постапува по нејзината кривична пријава која таа ја поднесе откако беше незаконски следена и снимана додека седи во кафуле со уште едно женско лице од кое прима листови хартија, а снимката потоа вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи ја предаде на „Канал 5“ телевизија, а емитувана беше и на јавниот сервис МРТ, како и на ТВ 21. Во дел од тие прилози невистинито се тврдеше дека „на снимката се гледа како Симоновска го добива извештајот од спроведената контрола врз Вишото јавно обвинителство пред тој да стигне до Хајрулахи“. Дополнително, таа викендов беше предмет и на закани на социјалната мрежа Фејсбук, откако некој направил лажен профил со нејзиното име и презиме и ѝ испратил порака „те следиме, те сликаме“. Тој дополнителен настан е пријавен во МВР.

-До вашата колешката Мирослава Симоновска ќе ѝ се обратам директно. Мирослава, Основното јавно обвинителство Скопје, интензивно постапува по твојата кривична пријава. Те уверувам дека Обвинителството презема се за да го расчисти случајот. Знам дека целиот твој случај добива на тежина поради инволвираноста на јавен обвинител, но те уверувам дека Јавното обвинителство има механизми со кои ќе обезбеди независно и објективно постапување по твојата пријава. Како државен обвинител сакам на сите да им биде јасно дека ја осудувам секоја постапка со која новинарите се предмет на незаконско следење и снимање. Јавно ја осудувам и секоја форма на притисок и закани кои се насочени кон замолчување на новинарите и влијание на нивната работа. Таков однос кон новинарите е и ќе биде недозволен додека јас сум државен јавен обвинител, рече Коцевски.

Тој самиот потврди дека извештајот од спроведената контрола врз Вишото јавно обвинителство не е готов и не е доставен до него, па затоа Симоновска не би можела да го добие на снимката.

Тој додаде дека сака јавноста да знае дека приоритет на Јавното обвинителство е заштитата на јавниот интерес и правата и слободите на граѓаните и затоа не одобрува ниту толерира притисоци и закани без оглед од кого и да доаѓаат.

Сум одлучил да ги преземам сите законски мерки со кои моите вербални заложби ќе се покажат на дело, рече државниот јавен обвинител Коцевски, на настанот во Здружението на новинарите.

Минатата недела „Слободен печат“ објави правосилна судска пресуда од Врховниот суд од која се гледа дека обвинети куртулиле од гонење за злоупотреба при јавна набавка и јавно-приватно партнерство, поради низа процесни грешки кои Врховниот суд ги утврдил, а дел од кои можеле да бидат санирани, ако вишото јавно обвинителство не се откажело од вложената жалба.

За време на прес-конференцијата која ја организираше ЗНМ, се дискутираше за сериозните напади врз новинарите, решавањето на нерешените случаи на нападите врз медиумските работници, заштитата на јавниот интерес преку слободата на говор, транспарентноста на надлежните институции и соработката помеѓу еснафските здруженија со МВР и Јавното обвинителство, како и заштитата на новинарите.

На настанот покрај претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, беа присутни и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, јавниот обвинител Љупчо Коцевски и претседателот на ССНМ, Павле Беловски.

Во своето обраќање, Чадиковски стави акцент на статистиката во однос на нападите на новинари, со акцент на последните два случаи, ризиците од SLAPP тужби, како и нерешените случаи од 27 април.

Безбедноста на медиумските работници и борбата против неказнивоста на злосторствата против нив е директно поврзана со демократските вредности на едно општество. Бараме итно решавање на сите отворени случаи во кои врз новинари се применува насилство. Вербалното насилство и малтретирањата, преку онлајн платформи, бара сериозен одговор од МВР и Обвинителството. Граѓаните бараат од нас верно да им служиме. Да не потклекнуваме на насилниците, да не шуруваме со политичките партии, да информираме за злоупотребите на бизнис моќниците. Затоа ни треба целосна поддршка, транспарентни и фер постапки, за да обезбедиме медиумски простор ослободен од страв и закани – рече Чадиковски.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја истакна важноста на новинарите како чувари на демократијата, како и фактот дека без разлика дали станува збор за физичка или вербална закана кон новинари, има сериозен пристап од страна на МВР и останатите истражни органи во третирање на овие случаи.

Новинарите треба да претставуваат чувари на демократијата и вашето значење во рамки на едно демократско општество не треба да е спорно за никого затоа што кога имаме соодветен степен на слобода на говор, кога имаме истражувачко новинарство, кога имаме сигурни и безбедни новинари, кога имаме забрана за цензура во рамки на едно општество, така може да се надеваме дека ќе се качиме на скалилата кои што би требало да не доведат до едно нормално демократско општество. Секаков тип на закана физичка и вербална, особено кога е насочена кон новинари треба да има сериозен опфат во рамки на работењето на Министерството за внатрешни работи и во рамки на работењето на другите истражни органи во Македонија“ – кажа Тошковски.

Свое обраќање имаше и претседателот на Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) кој изрази загриженост за зголемената бројка на напади и потребата од дополнитлена соработка со институциите.

Загрижуваат вербалните напади, навредите, омаловажувањата, особено преку социјалните мрежи, кои воопшто не се наивни и не смее да се сметаат за безопасни. Дури 45 проценти од новинарите доживеале некакви омаловажувања или дискредитација, а 25 проценти некаков тип на закани и заплашувања. Исто така, интересен е и податокот дека на прашањето дали по нападот добиле некаква поддршка од државните институции само 14 проценти одговориле позитивно. Овој податок ни укажува дека постои уште многу празен простор за дополнителна работа и соработка помеѓу соодветните државни институции и новинарските организации со цел подобрување и на комуникацијата и на одговорите и адресирањето на нападите врз новинарите– истакна Беловски.

Новинарката Маја Јовановска, потсети на важноста на овој ден преку бројката на евидентирани злосторства на новинарите во Македонија и светот.

Целта на овој ден е да се сврти вниманието на високиот процент на неказнивост на злосторствата над новинарите, кој останува глобален предизвик. Од 2006 до 2024 година убиени се над 1700 новинари и медиумски работници ширум светот, при што во речиси 90 проценти од случаите изостанала правдата, односно или не се расчистени случаите или нема судски епилог. Од почетокот на судирот во Газа лани во октомври животот го загубиле 146 медиумски работници. Во Северна Македонија, како и во многу други земји, овој ден е можност да се алармира дека неказнивоста на насилствата продуцира нови напади и ги охрабрува насилниците, а кај новинарите и медиумските работници предизвикува страв дека ќе бидат мета на закани, цензура и автоцензура – рече Јовановска.

Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата врз новинарите 2-ри ноември, е признаен од страна на Обединетите нации. Овој ден се одбележува за да се сврти вниманието на прашањето за неказнивост, што се однесува на неизведувањето пред лицето на правдата на сторителите на кривични дела против новинарите и медиумските работници.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот