Државната ревизија најде хаос во управувањето со јавните инвестиции: Не се почитуваат рокови за градење, пропаѓаат европски пари, се плаќаат казни

Отсуството на систем за управување со јавни инвестиции и непреземањето на корективни мерки предизвикуваат застој и бавна динамика на реализација на стратешките инфраструктурни проекти, зголемени трошоци за реализација на проектите и високи фискални ризици за јавните финансии, како и ризик за економијата и животот на граѓаните

Не постои база во која може да се види како се реализираат јавните инвестиции, а на терен проекти кои одамна требале да бидат готови „висат во воздух“, има и милиони евра од Европската унија кои ни биле на располагање, но не сме ги искористиле, а за некои нереализирани проекти дури плаќаме и казни.

Ваков хаос нашла Држаната ревизија која истражуваше на тема „Реализација на капиталните инвестиции финансирани преку Буџетот на Република Северна Македонија, ЕУ фондови и средства од други меѓународни финансиски институции во надлежност на централната власт и локалната самоуправа“.

„Не постои единствена база на проекти од која може да се видат јавни инвестиции и стратешки проекти кои се реализираат, нивната вредност, динамика на реализација, начинот на финансирање, видот на градба и други податоци и информации кои би служеле за процени и анализи за потребите на државата“, е еден од заклучоците на ревизорите.

Бадијала се парите за најголемиот проект за животна средина

Државната ревизија посебно разгледала бројни инфраструктурни проекти.

Проектот за изградба на Пречистителна станица за отпадни води на Град Скопје e најголема инвестиција од областа на животна средина за кој од државата обезбедени се средства во износ од 196 милиони евра, и доделени се ЕУ средства во вредност од 69,7 милиони евра. Иако за овој проект се обезбедени средства, подготовката на овој проект е започната во 2007 година, а во 2014 година направена е надградба и ажурирање на студијата за изводливост за изградба на пречистителна станица за отпадни води во градот Скопје, но и после десет години проектот не е подготвен за физичка реализација.

Ревизорите посебно ги разгледале и ревидираните договори, а таму има и што да се види. Од 24 ревидирани проекти кои „тежеле“ 64,2 милиони евра, за 19 се склучени догори за градба и само еден е завршен, за 5 воопшто не се склучени договори за градба. Застојот е од различна природа, но за четири проекти се веќе раскинати договорите и од нив за три има меѓународна арбитража и побарување за штета во вкупен износ од 45,5 милиони евра. за два проекти постои неизвесност поради изминат рок на градба, а не склучени нови анекси кон постојните договори за градба.

Многу забелешки има и за изградбата на пругата кон Бугарија

„Проектите за изградба на Коридор VIII од железничка инфраструктура кон исток фаза 1 и 2 започнати се во 1996 година и сеуште не се завршени. Вредноста на овие проекти е зголемена и платени се провизии за неповлечени средства во износ од 4,6 милиони евра“, пишува во ревизорскиот извештај.

За истиот проект за Фаза 3, планирање и подготвување на проектот трае предолго и постои голем ризик од губење на ИПА грант средствата во износ од 60,7 милиони евра.

„Во исто време нагласуваме дека вредноста на проектот е зголемена од првично планираната. Според билатералниот договор склучен помеѓу Европска Унија и Република Северна Македонија истата е 340 милиони евра, додека до денот на ревизијата вредноста е зголемена и проценета на 560 милиони евра, што претставува зголемување во износ од 220 милиони евра“, соопштија ревизорите.

Ревизорите потсетуваат дека како дел од реформите во рамки на Министерството за финансии воспоставен е Секторот за управување со јавни инвестиции, а се работи на финализирање на Уредбата за управување со јавни инвестиции со упатство и Методологија. Но, исто така ревизорите заклучуваат дека: „Иако се планирани, сè уште не се воспоставени организациски единици за поддршка на инфраструктурните проекти во Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и за следење во Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, одговорен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции.

Со ревизијата го опфативме периодот од 2021 до 2023 година, при што беше опфатен период пред и период по завршување на ревизијата, до денот на изготвување на овој извештај, објаснија од ДЗР.

Откажани 79 милиони евра од ИПА 2

Анализата на искористеноста на парите од ЕУ како претпристaпнa помош – ИПА 1 за период од 2014 до 2020 година, покажала дека од „оваа програма до денот на ревизијата откажани се 79 милиони евра ЕУ средства, а постои голема неизвесност за искористување на останатата финансиска помош во износ од 100,7 милини евра поради тоа што Програмата завршува на крајот на 2026 година“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!