
Државната награда „22 Ноември“ доделена на Авзи Мустафа и Африм Османи
Професорите Авзи Мустафа и Африм Османи денеска ја добија државната награда „22 Ноември“ за 2024 година. Оваа награда се доделува како признание на луѓе од политичкиот, културниот и општествениот живот, кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери во државата.
Препорачано
Наградата им беше доделена во Собранието, а одлуката беше донесена од страна на Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември“.
Проф. д-р Авзи Мустафа по повод добивање на наградата денеска изјави дека ова признание за него е многу значајно, но и емотивно, затоа што се доделува токму на денот кога е усвоена албанската азбука. Тој изрази загриженост од недоволната заштита на мајчините јазици.
-Ова признание за мене не е прво, но е многу значајно и емоционално влијае кај мене, затоа што се доделува токму на денот кога е усвоена албанската азбука. Она што јас сега го гледам и следам околу јазиците, е дека сите ние треба да бидеме загрижени околу начинот на кој ги чуваме нашите мајчини јазици. Можам да кажам дека повеќе не постои мајчин јазик, туку имаме прв, втор, трет јазик, изјави Мустафа.
За педагогот проф. д-р Африм Османи, привилегија, но и одговорност е да се биде добитник на наградата „22 Ноември“.
-Чест и задоволство ми е што сум добитник на наградата „22 Ноември“, која е посветена на празникот на албанската азбука. Навистина, ова колку е привилегија е и одговорност, така што ми претставува и мотив, но и поттик повеќе да продолжам понатаму со научно истражувачката дејност, посебно во полето на правото, но и во полето во кое што сум активен, тоа е екологијата, односно животната средина, рече Османи.