Синоличка Трпкова / Фото: Архива

Државата нема свест и визија за да ја заживее новата „Бушава азбука“, вели Синоличка Трпкова

Познатата македонска актерка Синоличка Трпкова е креативен продуцент на проектот „Бушав буквар“, кој треба да биде современо продолжение на легендарната „Бушава азбука“. Проектот, иако е подготвен, а сценариото е одамна завршено, со години стагнира.

Трпкова во разговор со БИРН вели дека државата, односно нејзините институции, не се интересираат за овој проект, од кој не е снимена ниту една сцена.

„Бушава азбука“ беше навистина една и единствена неколку децении во етерот, која на оригинален и забавен начин се занимаваше со македонскиот јазик. Станува збор за една навистина, пред сè, родителска грижа на тандемот Горан Стефановски – Слободан Унковски и на тогашната МРТ (н.з. тогаш под називот Радио-телевизија Скопје) за образованието на децата. Не беше тоа обична серија. Тоа беше љубов, посветеност, подигнување на медиумските критериуми за тоа како се создаваат нови генерации со вистински вредности“, вели Трпкова.

Таа вели дека во тимот на „Бушавиот буквар“ биле Унковски и Стефановски (до самата смрт), а сега во тимот е и трет коавтор, нашиот сценарист кој живее и работи во Загреб, Марјан Алчевски.

„Имаме ново сценарио, кое е добро осмислено и напишано. Три години траеше процесот. Освен Унковски и Стефановски, кој со радост влезе во приказната со нас, и кој, за жал, почина во средина на пишување на новата „Бушава азбука“, сега имаме и трет коавтор, сценаристот Марјан Алчевски. Државата е на ред. Секоја држава има свои приоритети. Нашава би требало да ги стави децата на прво место и да ни помогне, не само нам, туку на сите што имаат сè уште деца и иднина овде. Станува збор за стратешка и сериозна грижа за иднината на земјава“, вели Синоличка Трпкова.

„Ние имаме сценарио и тим, и сега државата е на ред. Нашиот народ го заслужува тоа. Ако сакаме умна младина, мора да се инвестира во медиумскиот простор наменет за неа. Кога слушам како се зборува во јавниот простор, ме фаќа паника. Го уништуваме најдрагоценото живо културно наследство – македонскиот јазик. А со тоа се бришеме и сами себе“, децидна е Трпкова.

На прашањето зошто толку долго се чека „Бушав буквар“ да заживее, таа додава:

„Затоа што се нема свест и визија. Зашто сите власти имаат само една програма – што подолго да владеат. Не за доброто на сите нас. Јас до сега немам чуено, видено и доживеано, во овие 35 год транзиција нешто добро, освен празни ветувања“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот