
Долгот на САД би можел да достигне 120 проценти од бруто домашниот производ до 2035 година
Долгот на САД би можел да достигне 120 проценти од бруто домашниот производ на земјата до 2035 година, што би било највисоко ниво во историјата, предупредува новиот извештај на Комитетот за одговорен федерален буџет (CRFB).
Препорачано
Проекциите покажуваат дека дефицитот ќе порасне за дополнителни 23 трилиони долари во текот на следната деценија, додека трошоците за камати би можеле да станат најголема ставка на федералните трошоци, објавува Fox Business.
Според проценките, јавниот долг на Соединетите Американски Држави ќе порасне од сегашните 30 трилиони долари на 53 трилиони долари до 2035 година, или 120 проценти од нивниот БДП.
До 2035 година, владата на САД би можела да плаќа дури 1,8 трилиони долари годишно само за сервисирање на долгот, што би ги надминало трошоците за одбрана и здравствената програма Medicare, според прогнозата.
„Тоа е фискална спирала што ја загрозува иднината на земјата“, вели CRFB.
Аналитичарите особено предупредуваат за трошоците од неодамна усвоениот пакет мерки што американскиот претседател Доналд Трамп ги нарекува „голем, прекрасен закон“.
Администрацијата на Трамп нагласува дека мерките ќе го стимулираат економскиот раст и создавањето работни места, додека аналитичарите наведуваат дека последиците од овој закон врз јавните финансии ќе бидат долгорочни и сериозни и ќе го забрзаат растот на дефицитот.