
Доктори му рекле „фала“ на Азир Алиу за паркингот во „Лимак“, зашто им ги гребеле новите автомобили кога ги паркирале на Клинички
Лекарите што имале нови автомобили а кои работат на Клинички центар му се заблагодарувале на министерот за здравство Азир Алиу што им најде чаре за паркирањето во гаражите на „Лимак“ бидејќи во времето кога истите ги паркирале возилата во делокругот на Клинички центар некој им ги „гребел“, рече тој при денешната посета на Детската Клиника.
Препорачано
-Знаете дека мојот пристап е да креирам политики базирано на податоци. Првиот чекор е направен, околината околу кампусот „Мајка Тереза“ е искористен. Имаме неколку договорени капацитети со компанијата „Лимак“ и прв дојден ќе биде прв услужен. Се јавуваат доктори и ни велат „не спасивте, скапи автомобили имаме изгребани и оштетени надвор, а бидејќи нема камери не знаеме кого да пријавиме“, рече Алиу.
Во меѓувреме од Синдикатот на Клинички центар велат дека до нив вработените упатуваат несогласување со склучениот меморандум со кој 300 вработени на Клинички центар ќе треба да се „иселат“ со паркирање во блиската гаража на „Лимак“ и оттаму да пешачат 5 минути до работа за да им направат место на пациентите.
Запрашан дали докторите што немаат толку нови автомобили, му се лутат, Алиу рече дека како министер му е работа да се справува и со позитивни и со негативни реакции.
-Спремен сум да се справувам со двете страни. Дел од синдикатот го поздравува овој чекор. Јас сум човек што може и да се повлече ако греши, нема да ми биде срам да признаам ако некој чекор не бил добро смислен и би се повлекол, додаде министерот.
Проблемот со паркингот на Клинички центар е актуелен барем 2 децении, а новиот министер Алиу привремено, додека да се најде долгорочно решение, го предложи овој модел.
На сите клиники ќе биде испратен допис за можноста персоналот што работи во комплексот клиники да се паркира во „Лимак“ па кој ќе се пријави, тој ќе може да ја користи можноста се додека не се пополнат 300 места. Станува збор за вип-паркинг места што ќе може да се користат 24 часа и да ја плаќаат истата цена што и досега ја плаќаа на Клинички.
Премиерот Христијан Мицкоски го пофали министерот за неговата иницијативност и изрази надеж дека во иднина ќе се најде трајно решение за на паркингот на Клинички центар, граѓаните да не се вртат 9 пати во круг додека да најдат слободно место.
-Иницијативата на министерот да го реши проблемот е за големо поздравување. Убеден сум дека заедно со Градски паркинг ќе се најде долгорочно решение, за граѓаните да не се вртат 9 пати во круг пред да најдат слободно место на Клинички, рече премиерот.
Министерот Алиу најави дека на сајтот на Министерството за здравство граѓаните веќе може да закажуваат 15-минутни средби со него што ќе се одвиваат секој петок од 10 до 15 часот.
-Од денеска имаме нова веб-страна на Министерството за здравство, каде има нова апликација. Ги информирам граѓаните дека од наредната недела секој петок ќе имаме отворен кабинет. Ќе најдеме 15 минути за секој граѓанин и ќе може да се пријават на платформата со име и презиме, телефонски број и краток опис. И наредната недела од 10 до 15 часот секој граѓанин е добредојден, ако има закажан термин, рече министерот.
Премиерот и министерот за здравство денеска ја посетија Детската Клиника, каде директорот доктор Реџеп Мемеди рече дека таму се реализирале 11 проекти за 13 месеци откако тој е директор – инфраструктурни и набавка на модерна медицинска апаратура. Вредноста им била 40 милиони денари од кои 7,6 милиони денари биле донација на медицинска апаратура.