
Доколку се сака секаде може да се воведе ред: Нема повеќе со возила влегување од Порта Македонија кон плоштад
Работите почнаа да се менуваат откако „Слободен печат“ напиша каква е состојбата кај Порта Македонија и посочи дека никому од надлежните не му е грижа што се уништува јавен простор за чие уредување, заедно во плочникот пред ГТЦ, беа потрошени околу 33 милиони денари, односно повеќе од половина милион евра од градскиот буџет.
Град Скопје покажа дека доколку се сака може да се направи ред на секој простор каде што владее безредие. На просторот кај Порта Македонија, поточно по уличката што минува под Портата и води кон градскиот плоштад, минуваше кој како ќе стигне – од доставувачи, гости по рестораните, до секој што имаше да си заврши некоја работа во Градски трговски центар. Па така, плочникот што беше уреден само пред три години сосема се упропасти, возилата ги искршија плочките, а уличката и просторот кој води кон ГТЦ го претворија во паркинг.
Препорачано
На ваквата состојба не реагираше никој, ниту полицијата, ниту градските и општински инспектори, иако паркирањето на недозволено место е, пред сѐ, работа на полицијата. Во отсуство на казни, рампи, хидраулични столпчиња или било какви други направи што можат да го сопрат движењето со возила и паркирањето на овој простор, граѓаните си го тераа „ќеифот“, особено што во центарот на градот ретко може да се начека слободно место за паркирање, па уште бесплатно.
Работите почнаа да се менуваат откако „Слободен печат“ напиша каква е состојбата кај Порта Македонија и посочи дека никому од надлежните не му е грижа што се уништува јавен простор за чие уредување, заедно во плочникот пред ГТЦ, беа потрошени околу 33 милиони денари, односно повеќе од половина милион евра од градскиот буџет.

Реагираа од Град Скопје и во изминатите денови конечно започнаа да воведуваат ред. Сега веднаш после Портата се поставени големи жардиниери, поврзани со синџир, кои вработени од Градот го отвораат да ги пропуштат возилата на станарите од зградата која се наоѓа близу плоштадот. Поставена е куќичка во која дежураат вработените и не дозволуваат да „се протне“ никој што нема дозвола за минување.
Ова е само за почеток. Уште не е сѐ готово. Ќе има и хидраулични столпчиња и плочките ќе се поправат, сѐ ќе се среди. И доставувачите веќе нема да можат како сакаат да влегуваат по цел ден, ако немаат дозвола. Еве и заштитни столпчиња се ставија од страна за да не можат веќе да влегуваат возила и накај страничниот влез на ГТЦ – објасни еден од луѓето што го регулираат влезот и излезот на возила низ Портата.
Деновиве, комбињата на доставувачите накратко се паркираа пред Портата и потоа со рачни транспортери се носеше стоката до угостителските објекти околу плоштадот. Од десната страна после Портата, екипи на ЈП „Улици и патишта“ поставија еден ред бетонски, а зад нив метални столпчиња, но и жардиниери и клупи.
Град Скопје овој пат експресно реагираше, а очекувањата се дека овој проблем ќе се реши комплетно и дека нема да се дозволи по кратко време да се повтори грдата слика и хаосот што владееше на овој простор.