Тогашниот министер за здравство Николка Тодоров во 2013 година фрла лопата на почетокот на изградбата на бункерот и акцелераторот во Битола

Додека го активираат акцелераторот во Битола сите ќе изумреме, реагираат пациенти битолчани

Откако неодамна изби скандалот со „лекувањето“ на болните од малигни заболувања на Клиниката за онкологија во Скопје и во Битола болните од карцином повторно го кренаа својот глас за нивните маки и патешествија во лекувањето на нивните малигни болести.
Болни од карцином, членови на Здружението „Јасмин“ кои се јавија во нашето дописништво реагираа со болка во душата и голем гнев за начинот на кои тие се тетираат и ни изјавија:

– Изминаа повеќе од 10 години кога во рамките на Клиничката болница во Битола тогашниот градоначалник на Битола Владимир Талески и ексминистерот за здравство Никола Тодоров го означија почетокот на изградбата на бункерот и акцелераторот за наше лекување. Иако скршени од болеста и маките кои ги имаме во справувањето со оваа тешка и подмолна болест, ние многу ретко се радуваме, сепак тогаш во извесна смисла сите ние кои имаме потреба од зрачна радиотерапија се израдувавме, бидејќи со пуштањето на акцелераторот во употреба повеќе не ќе требаше да одиме на зрачење во Скопје. Но, за жал, како и многупати пред тоа, така и овојпат ние сме излажани – ни изјавија болни од карцином, членови на Здружението „Јасмин“.

На почетокот на изградбата на акцелераторот во февруари 2013 година не се израдуваа само болните од карцином во Битола, туку и од Југозападниот регион, бидејќи со неговото пуштање во употреба на Онколошкото одделение во Битола требаше со зрачна терапија да бидат третирани и над 2.000 болни од Битола и од овој регион, кои  инаку поминуваат стотици километри за да добијат радиотерапија во Скопје.

Почеток на изградбата на бункерот за акцелераторот во Битола во 2013 година

Но, за жал и по 10 години од почетокот на изградбата нема ништо од пуштањето во употреба на акцелераторот, затоа што опремата не е докомплетирана, односно треба да се купи и КТ стимулатор, за што надлежните не покажуваат интерес.

Во изминатите 10 години се сменија неколку директори на Клиничката болница во Битола и неколку министри за здравство, но, од изградбата на акцелераторот, кој требаше да биде завршен за најмногу шест месеци, за жал, нема никаква најава. Тоа особенбо ги погодува битолчани, меѓу кои има и деца кои боледуваат од малигни заболувања и чиј број во Битола е многу голем и секој ден се зголемува.

Нешто што посебно ги мачи болните од ова тешко заболување, не само од Битола туку и од Југозападниот регион е што по десет години од почетокот на работите, добар дел од пациентите веќе не се меѓу живите.

– Вака како што се одвиваат работите во нашето здравство се плашиме дека сите ние кои сме болни од малигни болести ќе изумреме и нема да дочекаме да се пушти во употреба акцелераторот. Навистина, не само што е срамно што толку години не лажат, туку е и греота што здравствените работници се изживуваат со нашето здравје. Да лажиш здрав човек е нечовечки, но да лажиш болни луѓе и тоа од најтешка болест, не само што е нехумано и жалосно , туку во најмала рака и греота – велат од „Јасмин“.

Во таква ситуација, покрај болеста, болните од овој регион мораат да се борат и со огромните финансиски трошоци што ги плаќаат при одењето на зрачна терапија во Скопје.

Според податоците на „Јасмин“, во Битола и Југозападна Македонија над 2.000 болни имаат потреба од зрачна терапија. За нив пуштањето во употреба на линеарниот акцелератор не само што значи надеж за излекување или за продолжување на животот, туку и заштеда на пари.

Знаејќи го овој проблем, уште од стапувањето на директорската функција на Клиничката болница во Битола активно за неговото решавање се вклучи директорката д-р Елизабета Ивановска. Но, се добива впечаток како и неа да ја напушта оптимизмот.

– За да се пушти акцелераторот во работа потребно е да имаме КТ симулатор. Се работи всушност за компјутер кој ги означува деловите каде треба да се зрачи. Ние како болница самите не можеме истиот да го набавиме. Компјутерот треба да го купи Министерството за здравство. А тој по некои наши сознанија чини до 300.000 евра, пари кои ние како Клиничка болница ги немаме. Затоа ние имаме пуштено барање во Министерството за здравство, но барем досега немаме никаков одговор – изјави д-р Ивановска.

Таа нагласува дека Клиничката болница во Битола е и просторно и кадровски целосно подготвена да го стави во функција акцелераторот.

Инаку, во рамките на Клиничката болница бункерот е веќе изграден бункерот, а е поставен и акцелераторот кој претходно во визбите седеше така неколку години. За извршување на радиотерапијата болницата има обезбедено кадар, односно физичари кои чекаат опремата да биде ставена во функција. Останува да се купи уште КТ симулаторот и да се стави во функција ова одделение, каде што во моментот се дава само хемотерапија.

Инаку, со пуштањето на акцелераторот во работа не само што ќе се спасат болните од Битола и Југозападниот регион зрачна терапија да добиваат во градот под Пелистер, туку во голема мера ќе се растовари и Клиниката за онкологија и радиотерапија во Скопје, каде во моментот услугите за зрачна терапија ги користат сите пациенти од државата. Таа институција, која е единствена таква јавна здравствена установа во државата, не може кадровски, просторно и финансиски во целост да одговори на потребите, особено што има зголемен број на заболени од канцер.

Инаку, со набавката на линеарниот акцелератор од реномиран шведски производител во вредност од 1,6 милион евра, Битола требаше да биди втор онколошки центар во Македонија, по Скопје. Во него требаше да бидат третирани пациенти од Прилеп, Ресен, Крушево…
За жал, таквите планови се уште останаа нереализирани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот