Украински војници во Николаев / Фото: EPA-EFE/SEDAT SUNA

Десет жестоки битки кои ја обележаа војната во Украина

Иако руската инвазија на Украина беше замислена како „блицкриг“, таа се претвори во конфликт кој не стивнува веќе половина година. Во текот на долгите шест месеци, руската армија изврши барем по еден напад врз речиси сите украински градови.

EPA-EFE/SEDAT SUNA

Од падот на првата руска граната досега, интензитетот не е намален, а во моментов најжестоките битки се водат во областа Запорожје – каде се наоѓа најголемата нуклеарна централа во Европа, како и околу Крим – полуостров над кој Украина сака да воспостави контрола и да ги протера руските војници кои го окупираа во 2014 година .

Запорожје / Фото Andrey BORODULIN / AFP / Profimedia

Запорожје

Битката за Запорожје дефинитивно е во фокусот на светската јавност во моментов, пред сѐ затоа што во овој град има нуклеарна централа, чија евентуална штета може да предизвика катастрофа од огромни размери која ќе го загрози целиот свет. Иако на ова предупредуваат сите надлежни меѓународни институции, гранати не престануваат да паѓаат врз нуклеарката и околу неа.

Запорожје/ Фото EPA-EFE/RUSSIAN EMERGENCIES MINISTRY

Ниту една од завојуваните страни не презема одговорност за истреланите проектили. Русите тврдат дека нивните сили не се во централата, иако снимката, чија автентичност повеќепати е потврдена од повеќе извори, зборува поинаку. Инаку, оваа нуклеарна централа падна под руска контрола во март, веднаш по почетокот на инвазијата.

Исто така, Украина силно ги отфрла тврдењата дека пука со гранати кон Запорожје. Но, според „Енергоатом“, украинската државна компанија која управува со електраната Запорожје, областа била погодена петпати само во изминатата недела, вклучително и во близина на локација каде што се складираат радиоактивни материјали.

Руското раководство и самиот претседател Владимир Путин негираат дека Русија стои зад ракетирањето врз нуклеарната централа. За да ги побие наводите на украинската страна, Путин, како што пишуваат медиумите под контрола на Кремљ, наводно се согласил да испрати експерти од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во окупираната нуклеарна централа Запорожје во Украина.

Фото: Твитер/принтскрин

Крим

Во моментов се води битка и за Крим, полуостров кој беше анектиран од Русија во 2014 година. Зад нападот наводно стои Украина, а целта е целосно да се скрши рускиот воен морал. Најжестоките напади се случија на 9 август , во кои сериозно беа уништени руските борбени трупи распоредени на полуостровот

ФОТО: Бомбардирани руски воени бази на Крим . ЕПА

Во овие напади беа онеспособени повеќе од половина од борбените авиони на Црноморската флота на руската морнарица, како и повеќе од осум борбени авиони на руското воено воздухопловство. По нападите, започна масовното иселување на Руси од Крим, а според официјалните информации, дури 38.000 автомобили го напуштиле полуостровот во првите 24 часа по нападот.

Фото: EPA-EFE/SERGEY VAGANOV

Мариупол

Една од најжестоките битки од почетокот на војната се водеше за освојување на градот Мариупол и фабриката за челик „Азовстал“, лоцирана во негово предградие. Овој град, кој Русите не успеаја да го освојат за време на претходната војна во 2014 година, преживеа брутален напад на самиот почеток на војната кога беше стрелано врз објектот на тамошниот Драмски театар, во кој се наоѓаа цивили. Во нападот загинаа најмалку 300 луѓе.

Фото : Твитер – Индустрискиот комплекс „Азовстал“ до Мариупол

Борбите продолжија околу „Азовстал“, кој падна на крајот на мај. Се стравува дека во повеќемесечната битка за оваа „тврдина“ загинале над 20.000 цивили, додека според руските податоци се предале вкупно 2.939 украински војници.

Украинските борци го напуштија Азовстал/Фото: EPA-EFE/RUSSIAN DEFENCE MINISTRY PRESS SERVICE/HANDOUT BEST QUALITY AVAILABLE HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Русите тврдеа, а тоа подоцна можеше да се види и на снимките, дека градот го бранат паравоените единици на таканаречениот батаљон Азов, кои имаа на себе нацистички обележја, што беше и главниот изговор за оваа упорност на Русите по секоја цена да ја освојат фабриката.

Украина војници EPA-EFE/c

Северодонецк

Русија ѝ нанесе тежок удар на Украина со заземањето на важен град во Луганск – Северодонецк. Овој град и овозможи на Москва да ја зацврсти својата контрола над овој регион. И овие напади не поминаа без човечки загуби, а во текот на деновите пред освојувањето, украинските медиуми пишуваа како овој град е на работ на хуманитарна катастрофа.

Масакрот во Буча/ Фото EPA-EFE/ROMAN PILIPEY

Буча и Ирпин

Најголеми загуби дефинитивно претрпеа Буча и Ирпин, а целиот свет остана шокиран по објавувањето на извештајот во кој се опишува масакрот во Буча. Имено, извештајот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) покажа дека во градот биле извршени страшни злосторства врз цивилни жртви.

Буча, Украина / Фото: Слободен печат – Кристина Атовска

Инспекторите открија тајни комори за мачење поставени од руските војници во летен камп, каде што луѓето биле брутално мачени – им биле сечени ушите, им биле вадени забите, нивните тела биле масакрирани, а бројни жени биле силувани.

Херсон Украина фото:EPA-EFE/GEORGIOS KEFALAS

Херсон

Во првите денови од инвазијата падна и Херсон, на кој наскоро може да се одржи референдум со кој овој град ќе се приклучи на Русија.

Обработка на податоци: СП. / Иван Самарџиев

Исто така, оваа област е важна бидејќи служи како упориште на руската армија за понатамошни напади на украинските територии. Поради ова, Киев често ги гаѓа со проектили мостовите кои водат до овој град, за да ги остави руските сили без воени резерви.

Гранатирана станбена зграда во Одеса / Фото: Украинско министерство за одбрана

Одеса

Пристаништето Одеса често е мета на руски гранати, а една од главните причини за тоа е што овој пристанишен град е клучен во прекуокеанската трговија на Украина, но за извозот на жито, што стана еден од клучните меѓународни проблеми за време на војната. .

Одеса Пристаниште фото ЕПА- ЕФЕ

Токму од ова пристаниште, по повеќе од пет месеци војна, испловија првите бродови со жито.

 

Змиски Остров, Украина /
Фото Профимедија

Змиски остров

 

Една од клучните точки е Змискиот остров, а битката за него ќе остане запаметена по малку комичниот разговор меѓу завојуваните сили. Имено, Украинците на руските предупредувања и повици за предавање одговорија со пцовки.

Украинско знаме на Змиски остров/ Фото STR / AFP / Profimedia

Во медиумите често имаше различни тврдења за тоа под чија контрола се наоѓа овој мал остров во Црното море, кој има голема стратешка улога во контролата на главаната рута која води кон украинското црноморско крајбрежје

Уништена зграда од руското гранатирање на Харков/Фото: EPA-EFE/VASILIY ZHLOBSKY

Харков

 

Харков, кој се наоѓа на истокот на земјата, често е под жестоки напади од руска страна. Овој град се наоѓа многу блиску до границата со Русија, поради што е важен за силите на Кремљ. Имено, во случај руската армија да воспостави контрола над Харков, би можела да формира копнен коридор до својата граница.

Напад од море EPA-EFE/SEDAT SUNA

Миколаев

 

Под постојани напади е и Миколаев, исто така пристанишен град, кој во текот на претходниот месец го претрпе најтешкото гранатирање, во кое загина еден од најбогатите Украинци, бизнисменот Алексеј Вадатурски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот