Фото: Слободен печат

Денешниот ден е „празник“ за Џеврије – по 32 години таа првпат добива лична карта

За повеќето граѓани, понеделник, денешниот ден е сосема вообичаен ден, почеток на работната недела и веќе видена битка во градскиот метеж и трка со секојдневните обврски. Но, за Џеврије Хетеми денеска е празник, а на листата има една, најважна обврска која ќе ѝ го смени животот на подобро. Оваа ведра и посветена мајка живее со четирите деца и со сопругот во Скопје. Пред неа е едно ново поглавје од животот, кое за повеќемина од останатите граѓани на земјава е нормалност, но таа го доживува како „подарок“ – првпат после 32 години таа ќе се фотографира за да добие лична карта и со тоа ќе стане рамноправна со сите граѓани.

Таа никогаш повеќе нема да треба да се грижи дали нејзините деца ќе имаат здравствено осигурување, а ќе можат и за првпат да излезат од границите на земјава, нешта кои што изминатите 32 години ѝ биле ускратени и одземени. И покрај тоа што е родена во Скопје, учела во скопско основно училиште и завршила осмо одделение, родила четири деца на државните клиники во Скопје и целиот свој живот го поминала во главниот град, Џеврије за институциите на државата не претставувала македонски државјанин, туку имала само „дозвола за престој на странец“.

Државата ја третирала како странец, иако таа е родена во болницата во Чаир, а во странство, надвор од државата, никогаш не стапнала. Всушност, Џеврије за „Слободен печат“ вели дека не само во странство, туку ѝ било страв да замине и до Охрид кога доаѓал период на летни одмори, од страв дека децата ќе ѝ се разболат, а таа нема лична карта и нема здравствено осигурување и ќе мора да плаќа приватно, што е многу поскапо.

-Животот без документи е голгота и постојан страв. Нон-стоп се чувствував како да сум нешто посебно, ама не во позитивна смисла, туку како заробена. Каде и да одев, немав право на ништо. Најголемото мое дете има 10 години и на десетгодишна возраст го доби првиот извод од матичната книга на родените. Многу сум среќна што иако чекавме години и години, сите четири деца ми се средени со документи сега, вели Хетеми за „Слободен печат“.

Целиот проблем за неа почнал зашто иако е родена во Скопје и иако е пријавено нејзиното раѓање и има извод од родените, сепак родителите не ја пријавиле ниту неа, ниту двете други сестри за упис во македонско државјанство.

-Така јас всушност, немав никакво државјанство, вели Хетеми.

Нејзината ситуација ѝ претставувала товар, постојана преокупација и грижа, која ѝ предизвикувала најголема болка поради нејзините деца. Ги гледала како се раѓаат без права, не можела за нив да оствари право на здравствено осигурување ниту пак да ги однесе на одмор.

-Сè што мислиш е дека немаш документи и дека не можеш да си ги средиш документите за децата. Верувајте, дека ни во Охрид не ги носевме на одмор, за да не се разболат зошто немаа здравствено осигурување и не сакав да ризикувам да се разболат па да треба на приватно да се лекуваат. Како човек, се чувствуваш „помалку од другите“, како исклучена, како некој посебен случај. Грозно чувство, не знам како да го објаснам. Аплицирав да добијам дозвола за привремен престој на странец, односно да ми дадат лична карта за странец, иако сум родена во Скопје и израсната тука и никогаш не сум ја напуштила Македонија. Откако добив таков документ, на кој има фотографија од мене, успеав да им извадам документи и на децата и многу ми олесна. Секогаш бев обвинувана дека поради мене не можат да го имаат права и се чувствував виновна. Некако, како јас да сум го предизвикала тоа. Прв документи доби најмалиот, бебето од 7 месеци кое доби државјанство, извод и здравствена книшка а потоа десетгодишната ќерка. На шега си велиме дека бебето ни донесе среќа, откако тој се роди сè ни тргна на подобро, раскажува Хетеми.

Од разговорот со неа забележавме дека таа сè уште не може да поверува дека ќе добие лична карта.

-Верувајте, уште се плашам дека ќе добијам лична карта ама нема да имам никакви права. Знам дека тој страв е неоправдан, ама толку време бев без документи што сега не можам да си поверувам дека ќе имам права. На 32 години првпат добив државјанство, а никогаш не сум излегла од државава. Сега му велам на сопругот, кога ќе земам лична карта, ќе излезам некаде, да ја пробам, додава Хетеми.

Ти си бремена, како немаш лична карта?

 

Џеврије пред една година добила дозвола за престој на странец – првиот документ кој го добива во државата на кој стои нејзината фотографија. Тогаш имала 31 година и била бремена со четвртото дете.

-Ништо немав до тогаш освен свидетелствата од основно училиште и изводот од родени на кој нема моја фотографија. Но, првото дете го родив пред 10 години и на училиште ја запишавме само со едно бело ливче со печат. Кога доби извод од родените и наставничката плачеше, рече Џеврије.

Кога отишла да се пораѓа за првпат пред 10 години, не ѝ е јасно како воопшто добила здравствено осигурување.

-Одам во ФЗОМ и ми велат, ти си бремена, како немаш лична карта? Јас му кажав на службеникот, млад беше, да не ме прашува многу, ако може да ми помогне. Некако ме внесе во здравствено осигурување. Со таа книшка, се породив четири пати со царски рез и ги донесов на свет сите деца, објаснува Џеврије.

Џеврије вели дека Александра Ефремова од Македонското здружение на млади правници е жената на која засекогаш ќе ѝ биде благодарна оти ја водела низ правните лавиринти, секогаш кога законските регулативи ќе се променеле ја упатувала како да си ги бара правата и на крајот успеале целосно да дојдат до документација за сите членови на семејството.

Ефремова за „Слободен печат“ ја објасни од правен аспект целата ситуација.

-Џеврије е по потекло од Косово и поради тоа што нејзините родители по 1991 година не се запишале ниту во косовско ниту во македонско државјанство, останале да живеат во Македонија како лица без државјанство. Потоа нејзиниот татко се запишал во косовско државјанство, па и Џеврије требаше да се запише во косовско државјанство. Меѓутоа имаше некои административни проблеми и таму, па не успеа да се запише во косовско државјанство. Поради тоа, долго време живееше без регулиран престој, а и нејзините деца не можеа да се запишат во матичната книга на родените, бидејќи за да се запишат во матичната книга на родените, мајката мора да има документ за идентификација. Откако успеавме некако Џеврие да добие дозвола за престој на странец таа веднаш ги запиша своите деца и децата добија веднаш со самиот упис македонско државјанство бидејќи таткото е македонски државјанин. Во меѓувреме, се смени Законот за државјанство, па се предвидоа оние околности за лицата кои што во 1991 година живееле тука, така што Џеврије според тој закон можеше да докаже дека тука живеела, тука се школувала целиот свој живот и тука ги родила децата, па поднесовме барање за државјанство. Така доби македонско државјанство, објаснува Ефремова.

Бездржавјанството е феномен кој се среќава насекаде во светот. Тоа е состојба кога едно лице не е препознаено како државјанин од страна на ниту една држава, согласно националните прописи на истата. Во светот, и денес, повеќе милиони луѓе сe уште се соочуваат со истиот проблем односно со неможноста да ја докажат припадноста или правната врска со една држава.

За среќа, во земјава се појави надеж – судбината на Џеврије во иднина да ја немаат околу 700 луѓе кои досега се справуваа со истите проблеми како неа. Собранието неодамна ги изгласа измените на Законот за матична евиденција, со кои меѓу другото се предвидува дека „секое дете родено на територијата на Република Северна Македонија ќе има право да биде впишано во матичната книга на родените веднаш, а најдоцна 45 дена од денот на раѓањето, независно од државјанството или личниот статус на неговите родители“.

Според досегашната регулатива, како случајот со Џеврије, кога мајката нема лични документи за идентификација, ниту нејзините деца не можат да бидат запишани во матичната книга на родените сè додека мајката не добие личен документ. Па така, мајката на новороденчето не можеше да си го запише сопственото дете во книгата на родените, поради тоа што не можеше да го докаже сопствениот идентитет.

„Со овој закон конечно ќе се овозможи решавањето на случаите и правна видливост за 700 наши сограѓани кои водеа децениски битки со системот да добијат правен идентитет, пристап до основните права и достоинствен живот“, изјавија од УНХЦР по изгласувањето на законските измени.

Во земјава не постои официјална бројка на лица без државјанство – пописот од 2021 година покажа дека во земјава како лица без државјанство се изјасниле 584 лица, а вкупно 686 луѓе се пријавиле на јавниот повик во 2018 и 2019 година како лица без државјанство. Надлежните институции затоа и шпекулираат со бројка од околу 700 луѓе.

Сторијата е изработена во рамките на менторската програма за млади новинари на Младинскиот Образовен Форум во партнерство со УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од УНХЦР и други агенции на ОН. Содржината на сторијата не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и другите агенциите на ОН.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот