Дејан Мираковски / Фото: МИА

Дејан Мираковски реизбран за ректор на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“

Дејан Мираковски доби нов мандат како ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип, откако беше избран со големо мнозинство на гласови на универзитетските избори.

Како што соопшти претседателот на Комисијата за избор, проф. д-р Дејан Маролов, гласањето се одржа на сите 15 единици – 12 факултети и три академии, во периодот од 12 до 14 часот. Мираковски доби 294 гласа „за“, 11 „против“, додека 12 не гласале, а пет ливчиња биле неважечки.

– Професор доктор Дејан Мираковски е повторно избран за ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, рече Маролов.

Во своето обраќање, Мираковски се заблагодари за довербата и најави дека во новиот мандат, кој ќе трае три години, ќе продолжи да ја гради европската визија на Универзитетот. Тој потсети на досегашните достигнувања, како што е приклучувањето кон Алијансата на девет европски универзитети, што, според него, отвара нови можности за студентите и професорите.

– Нашата крајна цел е да овозможиме европско студирање и европска диплома дома. Верувам дека тоа ќе го направи УГД уште поатрактивен за студентите, не само од Македонија, туку и од целиот регион, истакна Мираковски.

Тој додаде дека Алијансата, која е поддржана од фондовите на Европската Унија, ќе придонесе за подобрување на условите за научно-истражувачка работа и унапредување на образовниот квалитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот