Мексикански специјалци во седиштето на Синалоа во Кулиакан - Фотографија ЕПА, Хуан Карлос Круз

ДЕА уапси повеќе од 600 лица во голема операција против нарко-картелот Синалоа

Американската агенција за борба против дрога (ДЕА) објави дека уапсила повеќе од 600 лица во изминатата недела, во операција насочена против мексиканскиот нарко-картел Синалоа.

Во соопштението, ДЕА наведува дека апсењата „имале за цел разбивање на картелот Синалоа, еден од најнасилните и најмоќните нарко-картели во светот, одговорен за поплавување на САД со фентанил, метамфетамин, кокаин и хероин“, објавува ABC News.

Како што е објавено, од 25 до 29 август, агентите на ДЕА спроведоа координирани акции во земјата и во странство во кои беа уапсени 617 лица, запленети беа 480 килограми фентанил, 2.209 килограми метамфетамин, 7.469 килограми кокаин, 420 парчиња огнено оружје и пари и имот во вредност од близу 13 милиони долари (11 милиони евра).

„Овие резултати ја покажуваат целосната тежина на посветеноста на ДЕА на заштитата на американскиот народ. Секој килограм запленет отров, секој долар запленет од картелот и секое апсење што го правиме претставува спасени животи и заштитени заедници. ДЕА нема да попушти сè додека картелот Синалоа не биде расклопен од горе до долу“, рече администраторот на ДЕА, Теренс Кол.

Во февруари, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го означи картелот Синалоа, заедно со уште седум други групи, како странска терористичка организација.

ДЕА наведува дека картелот Синалоа останува една од најзначајните закани за јавната безбедност, јавното здравје и националната безбедност во Соединетите Американски Држави.

ДЕА наведува дека „десетици илјади членови, соработници и посредници на Синалоа работат низ целиот свет, во најмалку 40 земји“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот