
Даравелски побарал повторување на судската постапка
Барање за повторување на постапката за поранешниот директор на Царината Драган Даравелски е доставено до Основниот кривичен суд Скопје, информираа предмалку од судот.
Препорачано
– Заради зголемениот интерес на медиумите за лицето Драган Даравелски, правосилно осуден со пресудата на овој суд К.бр. 809/05, ја информираме јавноста дека до Основниот кривичен суд Скопје, е доставено барање за повторување на постапката на осуденото лице, од страна на неговиот бранител, со оглед да истиот бил суден во отсуство. Согласно барањето, оформен е предмет кој е распределен пред надлежен Кривичен совет за понатамошно постапување. Советот, во однос на барањето, согласно законските надлежности најпрви ќе се обрати за податоци до установата каде истиот е на издржување на казната затвор, а потоа предметот ќе го прати на мислење до Основното јавно обвинителство. По комплетирање на списите, советот закажува седница и по донесената одлука странките и јавноста ќе бидат благовремено известени – се вели во информацијата.
Во однос шпекулациите кои се однесуваат на евентуалното застарување на извршувањето на санкцијата односно застарувањето на кривичниот прогон, од судот известија дека застарувањето на извршувањето го утврдува судот според местото на последно живеалиште на осуденикот, односно Основниот суд во Куманово, а во однос на застарување на кривичното гонење одлучува Основниот кривичен суд Скопје при евентуална повторена постапка.