Дали знаевте? Ова се земји во кои погрешна тетоважа може да ве доведе во неволја

Уште од античко време, луѓето одлучувале да го украсуваат своето тело на различни начини, а во многу култури било присутно и тетовирањето. Денес салоните за тетовирање се практично насекаде, но сепак изгледа дека тетоважата може да ви донесе и проблеми.

Во денешно време, според една статија објавена на „Brightside“, тетоважите можат да ве доведат во неволја во некоја од следниве земји…

Тајланд
Прво и најосновно правило на Тајланд е дека нема шегување со кралот и неговото семејство – на кој било начин. Па, за ваша безбедност, да додадеме уште една работа – не се шегувајте ни со Буда. Бидејќи Тајланд е претежно будистичка земја, сликите и статуите на Буда таму се сметаат за свети, а ако мислите дека му оддавате почит со тетоважа, сериозно грешите.

Да се има тетоважа на Буда на раката или грбот се смета за непочитување и е навредливо за членовите на религијата. Затоа, Тајланд ги забрани ваквите тетоважи и за локалното население и за странците, па затоа ви препорачуваме при посета на Тајланд да го покриете Буда доколку го имате тетовирано.

Данска
Во оваа земја од 1996 година официјално е забрането да се тетовираат рацете, вратот или лицето. Се разбира, Данците се сепак премногу либерални, бидејќи ако се прошетате низ Копенхаген, ќе видите многу луѓе со тетоважи токму на споменатите места, па законот всушност не важи. Единственото нешто е, ако навистина одлучите да се тетовирате во Данска, тату-мајсторите можеби ќе одбијат да ви ја истетовираат главата или рацете, но во околните земји нема никакви ограничувања.

Хаваи
На Хаваите е забрането тетовирање на две места, освен ако тоа не ви го дозволи – доктор. За да се истетовирате зад увото или на очниот капак задолжително е присуството на доктор.

Северна Кореја
Како и сè друго, така и тетовирањето во оваа земја е строго контролирано од Комунистичката партија. На пример, не смеете да го употребувате зборот „љубов“ ако со него покажувате чувства кон сопственото семејство, но ако покажувате чувства кон земјата – тоа е добредојдено. Од друга страна, ако сакате да ставите слика од Ким Џонг-ун или некој од неговите предци, ќе се соочите со долги години затвор, бидејќи сликите на владетелите се свети.

Јапонија
Иако Јапонците официјално не ги забрануваат тетоважите, со нив не можете да влезете секаде. Причината за тоа лежи во минатото, кога тетоважите се поврзувале со јапонската криминална организација јакуза. Затоа, ако одите на базен, теретана, ресторан или некое друго слично место во Јапонија, погрижете се тетоважите да не се забележуваат.

Германија
Иако во Германија има многу тетовирани луѓе, некои работи се забранети со закон и казниви. Така, не смее да се тетовира свастика или некој сличен симбол што би се однесувал на нацизмот. Германците не се согласуваат ниту на тетовирање комунистички симболи, па тату-мајсторите може да одбијат да го украсат вашето тело со чекан и срп, црвена ѕвезда и слични работи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот