Махмуд Абас / Фото EPA-EFE/JADE GAO / POOL

Дали ќе може, палестинската управа на премиерот Абас да го замени Хамас и по војната да владее со Газа?

Додека Вашингтон се залага за Палестинската управа (П.А.), под водство на Махмуд Абас, да ја преземе власта во Газа, анкетите на јавното мислење покажуваат дека ниту П.А. ниту Абас ја има поддршката од мнозинството меѓу Палестинците, а таквата влада би имала поголем легитимитет доколку во неа некако се вклучи Хамас, пишува Њујорк Тајмс.

Американскиот претседател Џо Бајден и државниот секретар Ентони Блинкен изјавија дека по последната војна, Газа треба да се обедини со окупираниот Западен Брег под „ревитализирана“ палестинска управа, која во тесна координација со Израел, а според некои дури и во соработка , да контролира големи делови од Западниот Брег.

Сепак, како што наведува Њујорк Тајмс, повикувајќи се на тамошните жители, многу малку луѓе на Западниот Брег или во Израел денес веруваат дека Палестинската управа на абас е способна да управува со постконфликтната Газа.

Абас и Фатах се непопуларни меѓу  палестинците дури и таму каде што имаат контрола на Западниот Брег, бидејќи тамошните жители ги доживуваат како соучесници ,,во долгата израелска окупација“.

„Поддршката е толку слаба, всушност, што тешко дека ќе може да се одржи некаква управа без безбедноста што ја обезбедува израелската војска“, ја пренесува Њујорк Тајмс изјавата на жител на Западниот брег.

Знамето на Палестина/ Фото: EPA-EFE/MATTEO CORNER

„Оној што работи во интерес на народот треба и да владее со народот“

Основана по Договорот од Осло во 1993 година, палестинската управа беше замислена како привремена администрација на патот кон добивање на независна палестинска држава. Во неа доминираше фракцијата Фатах, додека Хамас беше исклучен од неа

Поголемиот дел од палестинската управа во тоа време беше раководена од претседателот Махмуд Абас, познат и како Абу Мазен, кој сега има 88 години.

Абас го укина одржувањето на национални избори откако неговата фракција Фатах загуби на изборите од Хамас во 2006 година. Една година претходно тој беше избран за претседател на палестинската управа со четиригодишен мандат.

Според мислењето на многумина од палестинците кои оваа управа би требала да ги преставува, владата Абас се претворила во авторитарна, корумпирана и недемократска администрација која седи на железен трон изграден и подржан од Израел“, велат за Њујорк Тајмс тамошните палестинци.

Враќањето на кредибилитетот на власта, велат Палестинците , како и експертите, ќе бара проширување на организацијата со вклучување на Хамас и други палестински групи, одржување избори за формирање на ново раководство и инсистирање на повторно обединување на Западниот Брег со Газа според планот за две држави со Израел.

Меѓутоа, нападите што ги изврши Хамас на 7 октомври речиси ја уништија довербата на Израел во палестинските власти, а експертите сметаат дека доколку изборите се одржат денеска, Хамас веројатно повторно би победил.

На прашањето дали владата може да управува со Газа, Асала Кдур (30), домаќинка од Рамала, беше недвосмислена во својот одговор.

„Апсолутно не“, рече таа, истакнувајќи дека Палестинската управа е со години на власт без избори. Тој што работи во интерес на народот треба да владее со народот“, додаде таа.

Многумина од палестинците кои ги анкетираше Њујорк тајмс сметаат дека успехот на Хамас да му зададе голем удар на Израел, всушност го понижил Абас, кој во исто време се обидува со Израелците да го одржи мирот на Западниот Брег, колку и да е тој тежок и непопуларен.

Фото: МИА

Американците зборуваат со реторика од пред 30 години“

Западниот Брег е преполн со израелски населби и контролни пунктови кои ја делат земјата и го прават патувањето за Палестинците тежок потфат со многу пречки. Се повеќе има насилство од страна на израелските доселеници врз Палестинците, а сега има постојани напади на израелската армија, која тврди дека нејзините активности се насочени против припадниците на Хамас, особено околу Наблус и Џенин.

Дури и меѓу младата средна класа која порасна во релативната стабилност на Западниот Брег, има многу малку почит за Па.Со финансиските проблеми и намален буџет, таа веќе ги намали платите што ги плаќа за околу 30 проценти, призна Сабри. Саидам, влијателен член на Централниот комитет на Фатах,пренесува Њујорк Тајмс.

„Американците зборуваат со реторика од пред 30 години. Но, ние живееме во друга реалност. Ако имавме фер избори, Хамас ќе победи“, рече тој.

Закарија ал-Как, палестински политиколог, рече дека луѓето гледаат дека палестинското раководство „преговара со години за сопствен политички опстанок, а не за нивните национални аспирации“.

„Тие не го постигнаа ниту едното ниту другото“, додаде тој.

Додека Фатах се обврза да го признае Израел, решението за две држави сега на многумина им изгледа како фантазија, поткопана од израелските населби на Западниот Брег и десничарските влади во земјата.

Протест за поддршка на Палестина/ Фото: EPA-EFE/ANDRE PAIN

Кој би можел да биде алтернатива на Абас?

Според палестинските соговорници кои ги пренесува Њујорк Тајмс, многу Палестинци веруваат дека единственото решение е да се најде начин да се внесе Хамас во Палестинската ослободителна организација и Палестинската управа, кои се предводени од Абас и Фатах.

Тие сметаат дека може да се одржат нови избори за порепрезентативна управа која би имала многу поголем кредибилитет и во Газа и на Западниот Брег. Сепак, повеќе од јасно е дека тоа ќе бара и ослабениот Хамас да се согласи да го прифати постоењето на Израел и да се обврзе да преговара за формирање на палестинска држава заедно со Израел.

„Во моментов палестинскиот народ нема надеж, но вистинскиот мировен процес може да го постигне тоа, а Хамас би можел да биде дел од него“, рече Кадура Фарес, поранешен палестински министер. „Во ПЛО, ни требаат сите палестински фракции заедно“, велат за весникот палестинските испитаници.

Внесувањето на Хамас во новата палестинска управа, исто така, може да биде начин да се одреди што да се прави со групата, која Израел и Западот ја избегнуваат.

„Тие не можат да го уништат Хамас – не можете да уништите нешто во срцата на луѓето“, смета Мунир Зугир, чиј син е истакнат затвореник на Хамас, додека другиот е во бегство поради неговата вмешаност во групата.

„Светот нема да се занимава со Хамас, туку тоа ќе го направи преку Палестинската управа, смета тој.

Махмуд Абас/ фото: МИА

Меѓутоа, прашањето е кој би можел да го наследи Абас?

Се повеќе палестинци го споменуваат името на Марван Баргути (64), кој отслужува пет последователни доживотни затворски казни во израелски затвор за убиства извршени за време на првата и втората интифада што тој ја водеше, но кој би можел да биде дел од поголема размена на затвореници за да помогне да се стави крај на војната.

Последните анкети на Арапскиот барометар, кој го проучува мислењето на Блискиот Исток и Северна Африка, покажуваат дека Баргути е значително попопуларен во Газа од Абас, но и од Исмаил Ханије, поранешниот лидер на Хамас во Газа.

Друга алтернатива, иако бројката останува поделена, може да биде Мохамед Далан, поранешниот лидер на Фатах во Газа, кој беше соборен од Хамас во 2007 година и отстранет од организацијата од страна на Абас. Далан (62) сега живее во Обединетите Арапски Емирати.

Блинкен и Абас / Фото: Thaer GHANAIM / AFP / Profimedia

„Дали американската администрација овој пат ќе биде сериозна“?

Саидам, висок функционер на Фатах, рече дека она што е најважно сега е „обновената посветеност на Соединетите држави да им обезбедат на Палестинците реални изгледи за независна држава“.

Саидам рече дека американската „маргинализација на Палестинците“ и намалувањето на средствата за Палестинците и последователните десничарски израелски влади доведоа до опасна ситуација и го постави прашањето: „Дали американската администрација овој пат ќе биде сериозна?“.

„Секое политичко решение што ќе создаде палестинска држава ќе биде смирувачки фактор. Но, ако се вратиме на „процесот“, на празни разговори, на несериозност (…) ова нема да не однесе никаде“, подвлече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот