Фото: Принтскрин

Да се гледа во иднината наместо во минатото

Можеби сега е време да почнеме да размислуваме за создавање услови во кои ќе ја искористиме технологијата.

Ширењето на коронавирусот не е војна туку ширење на посебен вид грип. Ајде така и да се однесуваме. Потребни се краткотрајни меѓутоа многу строги мерки за да запре преголемото ширење кое не може да го адресира здравствениот систем.

Тоа не значи дека сѐ во државата треба да престане да функционира, туку да се намалат активностите што можат да го потпомогнат ширењето на вирусот. Да, треба поголема хигиена и промена на некои навики. Треба изолација на можни заболени. Треба намалување на групните собиранки. Ама не треба да престанеме да функционираме.

Можеби сега е време да почнеме да размислуваме за создавање услови во кои ќе ја искористиме технологијата во демократското управување. Воведувањето e-Влада може не само да го намали трошокот на државата за централната власт туку да обезбеди функционирање на сите служби и во вакви ситуации.

Па електронско гласање. Зошто да не? Зошто мора како стада да се упатиме кон гласачките места кога тоа може да го направиме и од дома?

Па видеоконференции. Зошто да престане одржување состаноци и донесување решенија ако тоа може да се направи без собирање во ист простор.

Учењето на далечина постои веќе десетина години. Се добиваат знаења и вештини и се полагаат испити.

Работата од дома може да биде многу интересен предизвик. Има многу канцелариска и друг вид работа, која може со соодветна опрема и регулатива да се работи од дома. И ова може да биде голема заштеда во простор и време и енергија.

Купувањето од дома е нешто што веќе постои и кај нас. Зошто е потребно да шетаат волонтери кај стари и немоќни, кога има апликации преку кои може да се набави сѐ и да ти биде донесено дома?
Не велам дека сето ова е возможно сега. Меѓутоа, некои работи се возможни и сега, а за некои треба да создадеме услови. Секако, потребно е широко специфично описменување на луѓето за користење на современите технологии. И потребно е малку да се гледа во иднината наместо во минатото.

А за пасионираните колекционери на тоалетна хартија, препорачувам 3-Д принтери. Можат да си печатат во секоја боја и големина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!