Жолтица, Фото: Архива

Д-р Стевановиќ за „Слободен печат“: Какви компликации прави жолтицата, кој е најчувствителен?

Жолтицата или хепатит А не е болест од која настануваат посериозни компликации и трајни последици по здравјето, но сепак доколку се зарази трудница, може да се јават посериозни здравствени проблеми, вели д-р Милена Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни болести. Таа објаснува дека годинава покрај кај деца, што е почесто, болеста ја дијагностицираат и кај возрасни. На клиниката биле лекувани околу 17 пациенти, а во Скопје се регистрирани или околу 60 заболени, што е повеќе во однос на другите години. Заболувањето се пренесува по фекално-орален пат, а болеста може да се појави спорадично или во епидемиска форма, особено во лоши санитарно-хигиенски услови, после поплави или други природни катастрофи.

– Вирусниот хепатит А (епидемиски хепатитис, заразна жолтица) е акутно вирусно заразно заболување со добра прогноза, ретки компликации и со ниска смртност. Годинава имаме зголемен број на заболени со хепатит на детска возраст, но и повозрасни пациенти. Болеста се пренесува преку валкани раце, а на поголем ризик за инфекција се изложени децата во училиштата и градинки, како и оние кои работат на шалтери, со документи. Во 99 отсто случаи болеста завршува без компликации, а по завршување на инфекцијата црниот дроб целосно се опоравува – вели Стевановиќ.

Жолтицата во некои случаи може да помине и без симптоми, некогаш се јавува гадење, повраќање, но не и жолтило. Во детска возраст симптомите најчесто започнуваат со постепено губење на апетитот, мачнини, гадење, повраќање, малаксаност, температура, понекогаш болка под десен ребрен лак. Кај адолесценти или возрасни особи, жолтица почнува со пожолтување на белките на очите. Во тек на 4-5 дена жолтицата станува поинтензивна (жолто пребојување на кожата), се појавува темна урина, а столицата станува светла. При преглед скоро секогаш постои зголемен црн дроб за 2-5 см под десен ребрен лак. Најчесто симптомите почнуваат да се губат за 10-14 дена од нивното појавување, а инкубацијата може да биде и до четири недели, но самото опоравување може да потрае и подолго.

-Терапијата е симптоматска, за смирување на температурата, гадењето, повраќањето, одржување на електролитскиот баланс, строго мирување и соодветен диететски режим. Болеста единствено знае да се искомплицира кај трудници, но за среќа таков случај сме немале – објаснува нашата соговорничка.

Лекарите советуваат да се избегнува користење на надри лекарства и напитоци бидејќи тие може да имаат токсичен ефект и да го влошат текот на болеста и да го пролонгираат лекувањето. Најголем број заболени се регистрираат кон крај на лето и почеток на есен. Во 2014 година во Скопје беше прогласена епидемија на жолтица со 66 регистрирани случаи.

Заболениот е заразен во текот на втората половина од инкубациониот период, со појавата на жолтицата заразноста почнува да се намалува, односно трае неколку дена по појавата на жолтицата.

Единствен резервоар на вирусниот хепатитис А е човекот, без разлика дали е заболен со типична, со нетипична клиничка слика или асимптоматска форма на заболување. Вирусот може да се најде во столицата, крвта, жолчката, а поретко и во урината на заболениот.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот