Перална во Клинички центар, фото Драган Митрески „Слободен печат“
Перална во Клинички центар, фото Драган Митрески „Слободен печат“

„Цркнаа“ античките машини за перење и сушење во пералницата на Клинички центар

Пералницата на Клинички центар „Мајка Тереза“ повторно „трокира“, што не е ни чудно со оглед на музејската состојба во која што се наоѓа. Бројни клиники во кампусот на најголемиот универзитетски клинички центар веќе втор ден со намален интензитет добиваат чиста постелнина, чаршафи и облека потребни за болничко опремување за операции, поради тоа што опремата во пералницата е расипана. Една од сушарите е расипана, машините за перење се стари со децении со делови кои се скапи и тешки за наоѓање.

Договорот за спречување инфекции во болниците „фати сепса“ и може да ја чини Македонија 100 милиони евра, а пациентите живот!

Главната сестра на Клиниката за радиотерапија и онкологија Андријана Филиповска за „Слободен печат“ вели дека уште вчера во група во која членуваат сите главни сестри од болниците во Клинички центар почнале да се споделуваат информации дека пералницата не работи со вообичаениот капацитет. Бидејќи Клиниката за онкологија има сопствена пералница, односно една машина за перење на крпи за чистење и една машина за перење униформи и болнички постелнини, Филиповска се понудила во нивната машина привремено да се исперат онолку чаршафи колку што може.

-Вчера перевме на Онкологија чаршафи за Клиниката за хематологија. Денеска ми донесоа чаршафи од Пластика, а ми се најавија и од Кожната клиника. Пералницата што е за цел Клинички центар или не работи или работи со мал капацитет, изјави за „Слободен печат“ главната сестра на Клиниката за онкологија, Филиповска.

Со пералницата од јануари 2024 година врз основа на одлука на Владата, управува фирмата „Скопстер“. Пералницата не е реновирана иако тоа е очајно потребно, а нема ни да се реновира додека Владата и Министерството за здравство не го почнат јавно-приватното партнерство со „Скопстер“ за стерилизација на хируршки инструменти. Тоа јавно-приватно партнерство значи дека фирмата „Скопстер“ ќе врши стерилизација на хируршките инструменти за операциите во Клинички центар „Мајка Тереза“, ќе врши дезинфекција на хируршките сали, ќе дели одела за хирурзите за една употреба и за тоа веќе има опремено центар за стерилизација во „Мајчин дом“ за што имаат инвестирано над 10 милиони евра. Но, пералницата нема да ја реновираат пред да почне јавно-приватното партнерство, кое веќе доцни повеќе од една година.

Оттаму за „Слободен печат“ велат дека поради технички проблем со постоечката опрема која е дотраена, пералницата во ЈУ Клинички центар „Мајка Тереза“ – Скопје работи со делумен капацитет.

Притоа внимаваме да ги опслужуваме клиниките со неопходните материјали. Наши технички екипи работат на отстранување на дефектите и очекуваме во текот на денешниот ден да бидат санирани. Со тоа, намалениот интензитет ќе биде ставен во нормала во следните неколку денови. Како што неколку пати потенциравме, пералната ја преземавме во исклучително лоша состојба, со многу стара и амортизирана опрема од којашто сите се трудиме, а пред сè вработените, да извлечеме максимум сè до моментот кога Јавното приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции ќе започне и оваа пералница ќе стане вториот Центар за стерилизација. Идентичен како Центарот за стерилизација „Мајчин дом“, со модерна технологија, по европски стандарди, велат од „Скопстер“.

Од Министерството за здравство за „Слободен печат“ велат дека во меѓувреме се организираат со клиниките кои што имаат свои пералници со цел услугата да функционира.

Сепак ова е трета опомена кон фирмата која што е одговорна и веќе се прави план како овој проблем да се реши долгорочно, велат од Министерството за здравство.

Пералницата во рамки на Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје е работна единица која во иднина треба да е дел од јавно-приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции, односно треба да прерасне во втор Центар за стерилизација.

„Скопстер“ ја презеле обврската да ја менаџираат пералницата во затекнатата хорор состојба, каква што е повеќе од 50 години, со застарена опрема и со сите вработени. Таму и пред еден месец имаше голем проблем зашто вработените се пожалија дека не зеле плати и немаат здравствено осигурување па почнаа штрајк. По реакција на министерот за здравство Азир Алиу и негова интервенција и ветување до вработените дека ќе се среди проблемот наскоро, тие се вратија на работа. Тогаш „Скопстер“ се пожали дека Службата за општи и заеднички работи им должи илјадници евра, па поради овој долг – тие доцнеа со платите.

Во секојдневна комуникација сме со Министерството за здравство за изнаоѓање финално решение и очекуваме во многу кус временски период статусот со пералницата да биде конечно разрешен. Во таа смисла, уште еднаш јавно сакаме да им заблагодариме на сите вработени за нивното разбирање, велат од „Скопстер“ за „Слободен печат“. 

Неофицијално, следната недела на седница на Влада ќе се најде јавно-приватното партнерство за стерилизација од кое  зависи и иднината на пералницата. Во актуелната состојба во која се наоѓа, пералницата не ги исполнува стандардите, а тоа како што ни рекоа од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, го констатирала и инспекцијата.

При инспекциските надзори е констатирано дека овој објект е во лоша санитарно техничка и хигиенска состојба, заради што се издавани решенија за отстранување на недостатоци. Имајќи предвид дека овој објект е единствен од таков вид во клиничкиот центар и нема можност за преструктуирање на клиниките сами да ја вршат дејностa, не е дадена забрана за вршење на дејност на ЈУ од областа на здравството за потребите на јавните здравствени устанви, универзитетските клиники, завод ургентен центар. Во тековната 2025 година планиран е редовен инспекциски надзор во централна перална при Комплекс клиники Мајка Тереза, велат од ДСЗИ за „Слободен печат“.

ВИДЕО | Пералницата – „темпирана бомба“ од бактерии и зараза на Клинички центар „Мајка Тереза“ и упориште на изневерени работници

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот