мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Чудовишната моќ на вистинската пропаганда

Најмоќната и најуспешната пропагандна машина на светот, и на сите времиња од Големиот прасок до денес, англо-американската филмска и телевизиска продукција, популарно наречената Холивуд, го подготвија светот сервилно и вазално да учествува во сите нелегални агресии на земји, бомбардирања, интервенции и промени на влади, од Втората светска војна до крајот на Студената војна, и потаму, од 90-тите до денес.

Се сеќавам, таму некаде кон крајот на 80-тите, кога филмовите сè уште се гледаа во киносали, како тоа филмот „Фатална привлечност“ остави силен впечаток врз мене и врз целата толпа луѓе што со олеснување и адреналин во крвта го напушташе киното по френетичниот но среќен завршеток. Филмот започна како еротска љубовна драма, за да прерасне во напнат трилер со животно загрозувачки ситуации, и конечно, да добие возбудлива и ужасна хорор завршница.

Заплетот е праволиниски, со едноставна поделба на улогите, со зголемување на драматичноста до усвитување, за да добие убиствено насилен крај како климакс на дејствoто. Филмот е мајсторски направен од Едриан Лин, со феноменалните Мајкл Даглас, Глен Клоуз и Ен Арчер како водечки и практично единствени улоги што го водат дејството во овој психолошки хорор. Но, како тече оваа речиси енервантно едноставна приказна?

Елем, накусо раскажано, ликот Ден Галагер (одглумен од Мајкл Даглас) ја прави, потполно импулсивно, најголемата грешка во животот, влегувајќи во страсна сексуална врска со Алекс Форест (Глен Клоуз), атрактивна и сексапилна уредничка од Менхетен, додека неговата жена и ќерка се вон градот. Ден набргу ја увидува грешката и решава да ја прекине кусата и бурна врска со Алекс, но таа одбива да се согласи на тоа, станувајќи дури опсесивно и насилно ангажирана со прогонување на Ден. А отпосле, по враќањето на неговото семејство дома, Алекс почнува со морничави закани и насилства и кон жена му и ќерка му.

И, да скратам, низ манијачното заканување и насилен притисок да го добие Ден за себе, Алекс, во вонсериската изведба на Глен Клоуз, од атрактивна жена од почетокот на филмот, се претвора во дехуманизирано чудовиште, во чисто, необјасниво, но препознатливо смртоносно зло. Оваа трансформација се случува постепено, практично низ целиот филм, непрекинато и за гледачите мачно и иритирачки, за својот климакс да го постигне во последните минути од филмот.

Последната сцена се случува во домот на Ден и жена му Бет (која се беше вратила од болница со гипсани облоги по преживеаната сообраќајна несреќа). Бет ја полни кадата за бањање, во тивка, опуштена и поради тоа – за нас публиката – пренапната атмосфера, кога одеднаш се појавува веќе сосем полудената Алекс и ја напаѓа со нож. Ден се стрчува од катот и успева во очајна борба да надвладее, но Алекс, сега веќе претворена во дива, сосем нечовечка ѕверка, продолжува да се бори со него во кадата полна со вода. Таму Ден успева да ја турне во вода јаросната и неприродно силната Алекс, и во слеп очајнички бес бескрајно долго да ја дави во кадата, додека Алекс се бори да излезе и животински клоца и се грчи, како огромна мускулеста туна исфрлена на палуба.

Уште ми е неверојатно живо сеќавањето дека и јас, потполно втурнат во филмот, ѝ ја држев главата на Глен Клоуз под вода, додека таа бескрајно долго пласкаше со нозете во претсмртни конвулзии. Да, и јасно ми е врежано во главата како во насилната кулминација, додека ја давев Глен под вода, како да се сецнав и почувствував некаква трага од вина, воедно и некаков нагон да се скријам уште додека го убивам чудовиштето, и погледнав кришум, миговито, лево-десно, за да видам дека сите илјада гледачи, машко и женско, старо и младо, заедно со мене и нашиот јунак, збивтајќи тешко и со пулс од 200, сите ѝ ја бутаме главата под вода на кутрата Глен, упорно и предолго, сè додека злиот монструм не се смири мртва, со ширум отворени сини очи.

И додека сите се опуштаме по „среќниот“ завршеток, филмскиот кадар се лизга вон кадата, а Ден ѝ врти грб, во таа најниска точка од антиклимаксот, Алекс рипа од кадата како неуништив демон со нож во раката, и нè фрла сите нејзини неуспешни давители потполно во шок. Во тој момент во бањата упаѓа жена му Бет, мила и мека женичка, дијаметрално различна од екстатичната Алекс, и ладнокрвно и решително ја застрелува со револвер, како да е змија отровница. Целата сала олеснувачки издивнува полни гради воздух, и, со треперави раце и нозе поради адреналинот, станува да ја напушта салата.

Што ми остави најголем впечаток во филмот? Неверојатната техника на филмската нарација првин да ја вовлече публиката во приказната, да ја натера да се идентификува со нејзините јунаци, и да ѝ ја побуди емпатијата за нивните проблеми, маки и стравови. Таа феноменална техника обезбедуваше остро и контрастно сликање на „добрите“ и „лошите“ ликови, потоа низ дејството ги дехуманизираше „лошите“, и ги претвори во нелуѓе, во ѕверови и убиствени чудовишта.

Ова беше еден од првите, но не и прв филм, кој во деветтата и десеттата деценија од 20 век, заедно со стотици и илјади други, ја „вежбаше“ публиката да убива со голи раце, со ножеви, копја и огнено оружје, да го врти мечот „збрцан“ во стомакот на злосторникот. „Фаталната привлечност“ за само еден саат и 59 минути од мене и илјадата случајни скопјани во салата направи не соучесници во френетичното и дивјачко убиство, туку убијци, негови непосредни извршители. Е, така работи вистинската пропаганда!

Најмоќната и најуспешната пропагандна машина на светот, и на сите времиња од Големиот прасок до денес, англо-американската филмска и телевизиска продукција, популарно наречената Холивуд, го подготвија светот сервилно и вазално да учествува во сите нелегални агресии на земји, бомбардирања, интервенции и промени на влади, од Втората светска војна до крајот на Студената војна, и потаму, од 90-тите до денес.

Секогаш, буквално во секоја пригода, техниката на пропагандното перење на мозоците на светот и оправдувањето на милитаристичките злостори на Империјата беше иста. Првин се сликаат противниците со познатата холивудска техника како да се тие оние „лошите“ во филмот. Најголем акцент секогаш се става на лидерот, кој во процесот се дехуманизира во зло чудовиште, и по правило му се закачува прекарот „касапот од“ каде и да е. Дехуманизацијата на касапот автоматски ги дехуманизира и сите негови земјаци што го поддржуваат, и тоа ја прави оправдана интервенцијата, која е секогаш во одбрана на доброто, а нападот на земјата на „лошите“ е се разбира секогаш одбранбен и благороден чин.

Оваа пропагандна техника со која може да се оправда какво и да е грандиозно зло сторено од страна на „силите на доброто“, им има испрано мозоци на милијарди луѓе, а најмногу на граѓаните на Империјата и на нас европските вазални земји, клиенти, пациенти, крлеж-кандидати и аспиранти. Така, со холивудската црно-бела техника на експресно озлогласување, беа претворени во монструми „касапот од Белград“, „касапот од Босна“, „касапот од Багдад“, „касапот од Триполи“ и други, и така публиката во киносалите аплаудираше кога на овие градови паѓаа праведничките и хумани бомби на НАТО-авијацијата, и кога „касапите“ ќе беа убиени на крајот од филмски структурираните интервенции.

Интересно е како сме сите ранливи и отворени за овие холивудски упади во нашите мозоци – дури и ова опулено старо магаре што ги пишува редовиве – со кои беше можно буквално да се изопачи моралната структура на секој настан. Така, на пример, живо се сеќавам како Барак Обама излезе пред камерите, среќен и харизматски насмеан, и звучно му се пофали на светот со зборовите: „Го убивме!“. Публиката ширум светот и во киносалите аплаудираше, чувствувајќи се горд соучесник во ладнокрвното вонсудско убивање на претходно озлогласеното и обезчовечено чудовиште Осама бин Ладен.

Ниту тогаш, а белки ниту денес, никому не му засмета фактот што никогаш не излезе на виделина каков и да е материјален доказ, вистински доказ што би бил кредибилен и во судска постапка, што Бин Ладен го поврзува со злосторите кои му беа припишани. Тој беше озлогласен, осуден на смрт и убиен (заедно со куп цивили, жени, членови на семејството и случајни намерници), само и единствено со помош на холивудската техника на создавање филмски наративи и воено-политичката пропаганда.

Само со разбирање на оваа моќна пропагандна техника што избегала од киносалите, може конечно да се разбере како Европа под водство на Хитлерова Германија, мирно ја гледаше и соучествуваше првин со дехуманизацијата на европските Евреи, а потоа и со нивното истребување. Само со таа застрашувачка пропагандна моќ за 180 степени да ги изопачи моралните вредности на цели народи, е можно денес да се разбере како најголемиот дел од израелското општество го поддржува геноцидот над палестинскиот народ од Газа, и го посакува „конечното решение“ на палестинскиот проблем со нивно истребување или насилно иселување каде и да е подалеку од нивната земја. А за соучесниците во геноцидот, Америка и моќниот глобален Север, земјите на Европската Унија, не можам ни да зборувам. Од гадење, не од друго.

(Авторот е архитект и универзитетски професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот