Чудесни жени: Од шивачка до космонаут, неверојатниот живот на првата жена во вселената, Валентина Терешкова

На 16 јуни 1963 година, Валентина Терешкова на 26-годишна возраст станала прва жена која летнала во вселената и успешно ја извршила својата мисија – ја обиколила Земјата 48 пати поминувајќи во вселената три дена.

Валентина Терешкова е родена во Русија, во регионот Јарослав, на 6 март 1937 година. Татко ѝ бил земјоделец, а мајка ѝ текстилна работничка.

EPA/ROLAND SCHLAGER

Валентина била второ од трите деца, на училиште тргнала на осумгодишна возраст, а го напуштила на 16-годишна возраст за да почне да работи и да придонесе на семејниот приход. Татко ѝ починал за време на Втората светска војна и младата Валентина морала да се справи со тешкиот предизвик за преживување.  Работела во фабрика за производство на гуми, а потоа во фабрика за текстил каде што работеле и нејзината мајка и сестра – седум години била и шивачка и пеглачка, но истовремено посетувала и вонредно средно училиште.

EPA/SERGEI CHIRIKOV

Од млада покажувала страст кон авантурите, особено кон падобранството, била обожавателка на Гагарин, првиот човек што летнал во веселаната, но една од нејзините страсти биле и моторите и спортските автомобили. За оваа страст доволно зборува фактот што во 1967 година, откако веќе била славна, побарала да ја посети фабриката „Алфа Ромео“ во Торино, Италија, каде што го возела најбрзиот модел достапен за тестирање специјално за неа.

Во 1957 г. се приклучила на комунистичкиот младински сојуз, Комсомол, а од 1959 г. почнала активно да се занимава со падобранство во локалниот клуб во Јарослав, и извела дури 90 скокови.

По првите успешни летови на советските космонаути, предводени од Јуриј Гагарин, водечкиот советски ракетен инженер и дизајнер на вселенски летала Сергеј Корољов, изразил желба да лансира жена-космонаут во вселената. На почетокот на 1962 г., започнала потрагата по кандидатки, а критериумите биле потенцијалната жена космонаут да е искусна во падобранство, да не е постара од 30 години, да е висока до 170 сантиметри и да е тешка до 70 килограми. Од стотиците пријавени кандидатки во тесна конкуренција биле избрани пет жени, меѓу кои и текстилната работничка Валентина Терешкова, и сите биле примени во вториот одред за космонаути каде се вршела обука. Во ноември 1962 г. ги завршила сите испити со највисоки оценки, а од први декември истата година станала космонаут на првиот одред на првата дивизија. Една година подоцна, непосредно пред летот во вселената, Терешкова веќе била космонаут инструктор во највисокиот, првиот одред.

img alt
Совиетски космонауто / Прв ред, од лево: Борис Јегоров, Констанин Феоктисеов, Валентина Терешкова, Владимир Комаров. Втор ред, пд лево: Валери Буковски, Герман Титов, Јури Гагарин, Андријан Николајев и Павел Попович Credit line: Alexander Mokletsov / Sputnik / Profimedia

Кога се одлучило дека „Восток 5“ ќе носи само една жена во вселената, изборот паднал на Валентина, додека следниот лет „Восток 6“ предвидувал уште две жени космонаутки. И така, на 16 јуни 1963 г., Валентина Терешкова на 26-годишна возраст станала прва жена која летнала во вселената под кодното име Чајка (галебица) и успешно ја извршила својата мисија – ја обиколила Земјата 48 пати поминувајќи во вселената речиси цели три дена.

img alt
Насловната страна на францускиот весник “L’Humanite”, посветена на летот на Валентина Терешкова / Фото: Gasjuck / Sputnik / Profimedia

Истата година се омажила за астронаутот и космонаут Андријан Николајев, а една година подоцна ја добиле ќерката Елена – прва личност во светот на која ѝ двата родитела летале во вселената. Елена Николаева станала лекар, а нејзините родители се развеле во 1980 година.

Свадбата на Валентина Терешкова и  Андријан Николајев / Фото: Valeriy Shustov / Sputnik / Profimedia

Во 1982 г. Валентина се премажила за Јули Шапошников, бракот траел 17 години, сè до смртта на Јули и оттогаш немала партнери. Во меѓувреме, станала инженер космонаут и професорка на аеронаутичката академија.

Валентина со нејзината ќерка Елена / Фото: Alexander Mokletsov / Sputnik / Profimedia

Се пензионирала во 1997 година, но амбициите не ѝ се намалиле. Кога по повод нејзиниот 70. роденден имала прием кај претседателот Владимир Путин, му рекла дека сака да одлета на Марс, па макар и еднонасочно.

 EPA/ALEXEY NIKOLSKY / SPUTNIK / KREMLIN POOL MANDATORY CREDIT

 

Инаку, во 1963 г. на Терешкова ѝ била посветена поштенска марка, а подоцна и линија на фотоапарати и камери.

img alt
Фото: Shataen / Sputnik / Profimedia

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот