
Четбот генерира нелегална содржина, нуди експлицитни сценарија со малолетници
Според ИВФ, само во јули спорната страница имала околу 60.000 посети
Веб-страница што содржи четбот со експлицитни сценарија поврзани со деца и малолетници, илустрирани со генерирани сцени на сексуална злоупотреба, предизвика сериозна загриженост во Велика Британија за ризиците од злоупотреба на вештачката интелигенција (ВИ), јавуваат британските медиуми.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според „Интернет воч фондацијата“ (ИВФ), при кликање на иконите на четботот се појавувале фотографии со „позадина“ за разговор помеѓу ботот и корисникот, а дел од нив прикажувале реалистични сцени на злоупотреба на деца, пренесува Гардијан.
Фондацијата идентификувала најмалку 17 такви примери кои би можеле да се третираат како материјал за сексуална злоупотреба според британското законодавство.
Дополнително, корисниците на страницата имале можност сами да креираат слични сцени, со што ризикот од масовно ширење на нелегална содржина станал уште поголем. Според ИВФ, само во јули спорната страница имала околу 60.000 посети.
Случајот предизвика нови повици до британската влада за итно воведување строги регулативи за компаниите кои развиваат и управуваат со ВИ. Владата веќе најави закон за вештачка интелигенција кој ќе се фокусира на забрана за поседување и дистрибуција на модели што генерираат материјал за сексуална злоупотреба на деца.
„Законот е кристално јасен, создавањето, поседувањето и дистрибуцијата на такви слики е нелегално, без разлика дали се генерирани со ВИ или не. Владата ќе ги искористи сите средства за борба против овие гнасни злосторства“, изјави портпарол на британската влада.
За случајот е информиран и Националниот центар за исчезнати и експлоатирани деца во САД, со оглед на тоа што дел од серверите на спорниот четбот се наоѓаат во Америка.