парно радијатор греење
Парно греење / Фото: Архива на Слободен печат

Цената на парното се зголеми, радијаторите се изладија

Граѓаните кои ги користат услугите на БЕГ – снабдување се жалат дека парното наместо во 6 часот наутри се пушта дури после 7, а дека во текот на денот радијаторите не се топли како  порано.

Скопјани од овој месец ќе плаќаат за 14.05 отсто повисока цена за парно греење, но како што стојат работите во првите десетина дена од новава година, за зголемената цена ќе добиваат послабо греење, а кај некои радијаторите ќе останат студени.

Граѓаните кои ги користат услугите на БЕГ – снабдување се жалат дека парното наместо во 6 часот наутри се пушта дури после 7, а дека во текот на денот радијаторите не се топли како  порано. Во некои згради пак, становите не се ни приближно загреани на температурата од 20 степени колку што е обрската според Правилата за снабдување со топлинска енергија. Незадоволни реакции стигнуваат од жители на Карпош и Центар, но сепак најлошо поминуваат граѓаните од Скопје Север и Топанско поле, кои со денови немаат греење затоа што Топланата Скопје Север не испорачува топлинска енергија.

Од АД „Скопје Север“ информираа дека поради зголемената цена на природниот гас се соочуваат со сериозни проблеми поради кои не можат да обезбедат греење за домаќинствата. Тоа значи дека за граѓаните чии домови се приклучени на нивниот систем не се знае кога повторно ќе има греење.

Од БЕГ пак посочија дека редовно испорачуваат топлина и дека ја одржуваат потребната температура во становите, но дека работат со оптимизиран режим. Што точно тоа значи, сѐ уште нема објаснување.

-Во услови на енергетска криза системот работи во оптимизиран режим се со цел внатрешната температура во домовите да се одржува на 20 степени. Доколку некои објекти се соочуваат со локален проблем или имаат температура во домовите под 20 степени, треба да пријават во Центарот за грижа на потрошувачи -велат од БЕГ.

И од Регулаторна комисија за енергетика ги повикаа граѓаните да поднесат приговор до нив доколку снабдувачот не ги испорачува договорените услуги и потсетија дека снабдувачот е должен да ја прилагоди температурата доколку има поплаки од Управител односно од Заедница на сопственици и барање за повисока температура од минимум пропишаната.

Снабдувачот има обврска во текот на грејната сезона да обезбеди минимална температура од 20+1 Целзиусов степен во грејните простории во времето од 6 до 22 часот во текот на денот. Дополнително, согласно член 10 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, Управителот односно Заедницата на сопственици, поднесува писмено барање до снабдувачот за промена на режимот и нивото на испорака на топлинска енергија на мерното место. Снабдувачот е должен да постапи по барањето за температурниот режим на објектот што е доставено од Управителот односно Заедницата на сопственици– информираа од Регулаторна комисија.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски е дециден дека потрошувачите не постојат за да ги финасираат снабдувачите, туку за да платат услуга која треба да им биде обезбедена.

Од Комисијата посочија дека минатата година побарале да се направат измени во Законот за енергетика со кои ќе се зголемат ингеренциите и ќе се прецизираат надлежностите во однос на изрекување повисоки казни кон операторите на дистрибутивните системи доколку поради нивна неажурност и лоша организација ги оставиле потрошувачите без греење во време на грејна сезона.

За проблемите со парното греење кое го имаат граѓаните во Скопје реагираше и Владата која ги повика надлежните компании, градските и општинските власти итно да постапуваат по своите надлежности и да обезбедат топлинска енергија во домовите на граѓаните.

Оттаму најавија дека неделава ќе се разгледуваат можности за дополнителна помош, но едностран раскин на договорните обврски и прекин на греењето на штета на граѓаните и домаќинствата во зимски услови не може да биде ниту оправдано ниту прифатливо.

Граѓаните се во очекување нешто итно да се реши, затоа што реакциите и приговорите подразбираат одредена процедура и време за спроведување у не значат веднаш топли радијатори.

Ни ја покачија цената, а парното не е како што треба. Во поголемиот ден од денот радијаторите се млаки. Мора да вклучуваме клими и греалки и да трошиме и струја дополнително, затоа што немаме друг начин на греење. Срамно е редовно да плаќаме, а да не сме згреани. Владата мора нешто да преземе затоа што не може во најстудениот месец во годината да е слабо греењето, а некои луѓе воопшто да немаат греење и да се смрзнуваат – вели Никола С. жител на населбата Карпош 3.

Во Скопје граѓаните со парно греење се снабдуваат од три системи за централно греење – од  БЕГ, ЕСМ-енергетика и Топлана Скопје Север кои функционираат одделно и самостојно носат одлуки за начинот на работа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот