Фото: МИА

Целата македонска економија е насочена кон Коридорот 10: Брзата пруга ни е неопходна за да не останеме „слепо црево“ на Балканот

Интенцијата на поврзувањето со Коридорот 10 е многу значајна, затоа што се поврзуваат југ и север, односно од Будимпешта до пристаништето во Солун. Според тоа, сè зависи од парите и од фондовите, од тоа како ќе ги искористиме европските фондови за да може што побрзо да го реализираме овој проект

Од економски, транспортен, инфраструктурен аспект, Коридорот 10 е многу поважен и многу поисплатлив од Коридорот 8, кој повеќе е политичка отколку оправдана одлука, вели за „Слободен печат“ Никола Костов, експерт од областа на транспортот и поранешен директор на „МЖ – Транспорт“.

Според него, целата македонска економија е насочена на овој коридор, како во железничкиот, така и во патниот транспорт, па затоа ни е потребен двоен колосек од Табановце до Гевгелија за да можеме да го фатиме приклучокот со Европа.

– Интенцијата на поврзувањето со Коридорот 10 е многу значајна, затоа што се поврзуваат југ и север, односно од Будимпешта до пристаништето во Солун. Според тоа, сè зависи од парите и од фондовите, од тоа како ќе ги искористиме европските фондови за да може што побрзо да го реализираме овој проект – додава Костов.

Костов е дециден дека ние не можеме да инвестираме во двоен колосек, но можеме дел по дел да го репарираме, односно инфраструктурно да го подобриме постојниот.

– За нас е многу да вложиме 2 милијарди евра во двоен колосек. Не ни е добра постојната инфраструктура од Табановце до Гевгелија. Таа треба да се подобри и да се зголеми. Ако ние имаме пари, ако имаме фондови што би влегле, ако некој ја финансира пругата од Коридор 10, тогаш добро е да правиме нова. Грција сега зема грантови за подобрување на инфраструктурата на пругата Атина – Солун, но тоа се пари од европски фондови, а ние немаме толкав пристап до нив. Затоа, треба да земеме кредит, да се задолжиме како држава и потоа да ги вратиме со камати. Тоа се скапи пари – објаснува Костов.

Тој во повеќе наврати истакна дека ако брзо не реагираме во однос на Коридорот 10, Македонија ќе стане транспортно „слепо црево“.

– Ќе нè заобиколат, Бугарија ќе направи брза пруга до Романија, од Романија до Европа. Кај нас на одредени места сега се вози со брзина од 60 или 70 километри на час. Тоа не е ништо. Имаме железничка инфраструктура, која 30-40 години не е обновена. Имаме уште дрвени прагови, место современи што може да издржат брзина од 100, 120 или 160 километри – посочува Костов.

Во меѓувреме, Министерството за финансии соопшти дека 16 банки одговориле на барањето за доставување понуди за финансирање на брзата пруга, што треба да се гради во Македонија. Тоа се: Светската банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Италијанската развојна банка, јапонската МУФГ, британската Стандард чартерд, Банка на Америка, Ерсте банка, Сосиете женерал, Дојче банка, ЏП Морган, Сити банк, Уни кредит, Каргил и НЛБ и Рајфајзен банка.

– Содржината на документацијата што беше доставена од меѓународните финансиски институции и комерцијални банки е со нaзнака доверлива – соопштија од МФ.

Како што претходно најави премиерот Мицкоски, сите понуди се доверливи и така ќе се третираат додека не се избере најповолната и додека не се декласифицира за да можеме да ја соопштиме во јавноста. Мицкоски рече дека не може да каже која камата ја понудиле банките и финансиските институции. Инаку, Владата на затворена седница ја разгледала информацијата и е договорено да се формира Меѓуресорска работна група, а како што повеќепати беше најавувано, брзата пруга од Коридорот 10 – од Табановце до Гевгелија, ќе се гради со кредити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот