
„Цар Борис“ и „Иван Михајлов“ ќе треба да бидат „ликвидирани“ до 16 март
Ако охридското и битолското здружение не се усогласат со Законот, министерот Тупанчески ќе донесе одлука за неусогласеност, по претходно негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња и врз таа основа Централниот регистар ќе ги избрише двата бугарски клуба, објаснуваат од Министерството за правда за „Слободен печат“.
Министерот за правда Никола Тупанчески до 16 март треба да ги „ликвидира“ двете здруженија на Бугарите во Битола и во Охрид ако дотогаш не ги сменат нивните скандалозно спорни имиња „Иван Михајлов“ и „Цар Борис Трети“. Заедно со нивните статутите во кои се промовираат ликовите и делата и со тоа се прави обид за рехабилитација во Македонија на двајцата соработници на фашистичка Германија од Втората светска војна.
Препорачано
Од Министерството за правда за „Слободен печат“ објаснуваат дека, во случај самите здруженија да не ги сменат имињата, министерот Тупанчески ќе донесе одлука за неусогласеност, по претходно добиено негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња и врз основа на таа одлука за неусогласеност Централниот регистар ќе ја избрише регистрацијата на двата правни субјекта.
Измените на Законот за здруженијата и фондациите стапија на сила на 16 ноември и сега изминаа два од трите месеци рок во кој сите здруженија треба да се усогласат со новите законски решенија. Во спротивно ќе бидат избришани во рок од четири месеци по стапувањето на сила на законските измени, односно најдоцна до 16 март.
Од Централен регистар не добивме нова информација дали некое од двете бугарски здруженија досега почнало постапка за измени на називите и на статутите, а последен пат кога ни одговорија (пред неколку недели) такви постапки немаше. Здружението „Иван Михајлов“ со своите обележја викендов дефилираше во Скопје на панихидата за Мара Бунева, по што на Фејсбук, меѓу другото, неговите членови објавија дека ќе ги бараат нивните права и нема да отстапат од нивната кауза.
Министерот ќе донесе одлука за неусогласеност
Од Министерството за правда потсетуваат дека според член 5 од Законот за измените на Законот за здруженија и фондации, регистрираните организации се должни во рок од три месеци да ги усогласат своето име или назив, скратено име, програма, цели и дејности со одредбите од овој закон пред Централниот регистар.
– Организациите што нема да ги усогласат името, називот… се бришат од Регистарот врз основа на донесена одлука за неусогласеност од страна на министерот за правда, по претходно добиено негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња. Комисијата е формирана од Владата и се состои од пет члена: по еден од Министерството за правда, Министерството за култура и Институтот за национална историја и два члена од МАНУ. Членовите се предложени од самите институции – велат од Министерството за правда за „Слободен печат“.
Од таму појаснуваат дека овие законски измени не се испратени на мислење во Венецијанската комисија. Претходно, по нивното изгласување есеноска со консензус од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и од Левица, министерот за надворешни работи Бујар Османи се обиде да го испрати актот на оцена во Венецијанската комисија, со образложение дека има ретроактивно дејство што би можело да се коси со Уставот кој забранува повратно дејство на законите, освен кога тоа е поповолно за граѓаните. Остана нејасно како бришењето правни субјекти (здруженија, фирми…) со имиња на фашистички соработници би било понеповолно за граѓаните, кога и Комисијата за заштита од дискриминација утврди дека здружението „Иван Михајлов“ ги дискриминира и ги вознемирува борците од НОБ, македонскиот народ и етничките заедници.
Според законските измени се забранува граѓанските здруженија, фондации, но и политичките партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, со Третиот рајх итн. Цар Борис Трети бил соработник на Хитлер и бил на чело на Бугарија кога ја окупирале Македонија и во негово време 7.300 македонски Евреи се депортирани и убиени во Треблинка, а Иван Ванчо Михајлов, исто така, е соработник на Хитлер и негатор на Македонците.
Обвинителството уште истражува
Во законските измени се вели дека и целите на здружението не смеат да предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид итн. Бугарските здруженија веќе предизвикаа нетрпеливост, па нивните клубови беа мета на напади – битолскиот беше опожарен и сторителот казнет, а во охридскиот некој пукаше со пиштол, но полицијата сè уште не откри кој бил.
Истрага се води и за тоа како институциите воопшто дозволиле да се регистрираат двете здруженија со тие имиња и со такви статути. Летоска Јавното обвинителство по допрен глас оформи предмет за регистрацијата на „Цар Борис Трети“ и информираше дека со наредба до Централниот регистар ја обезбедиле целокупната документација, а претходно по кривична пријава од политичка партија оформи предмет и за регистрацијата и функционирањето на „Иван Михајлов“. Оттогаш нема ништо ново.
– Во двата предмета се обезбедува документација и се вршат проверки на обезбедената документација поврзана со регистрацијата и функционирањето на здруженијата. По целосно испитување на фактите, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапките – велат од Обвинителството за „Слободен печат“
Но, нема истрага против основачите на двете здруженија. Од Обвинителството не одговорија на прашањето дали кривично ќе ги гонат основачите заради содржината во нивните статути, за кои Уставниот суд оформи предмети по две иницијативи дека со нив се повикува на уривање на уставниот поредок, а Комисијата за заштита од дискриминација наложи да бидат сменети, што, пак, не беше испочитувано. Ова непочитување на одлуките на македонските институции некои правни експерти го сметаат и за напад на државата со интенција за уривање на нејзиниот правен поредок.
Од друга страна, пак, официјална Софија ја користи ситуацијата за да прикаже во Брисел дека Бугарите се дискриминирани во Македонија и дека не им се почитуваат основните човекови права.