
Бугарскиот амбасадор повикан во МНР поради изјавите на Георгиев
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека „најостро ги осудува навредливите изјави упатени кон претседателот на Владата и институциите на Република Северна Македонија од страна на министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Георг Георгиев“, дадени во неговото денешно гостување во утринската програма на државната телевизија „БТВ“.
Препорачано
Во врска со ова, МНР денеска го повикало на разговор амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, Жељаско Радуков, на кого му бил пренесен официјалниот протест и му било укажано на несоодветноста на ваквиот јавен дискурс од страна на висок функционер на бугарската влада.
-Таквите изјави, во кои се користи недоличен речник и се омаловажуваат претставници на суверена држава, претставуваат директна повреда на основните принципи на меѓународното право и дипломатската комуникација. Тие не придонесуваат за унапредување на добрососедските односи и се во спротивност со духот на конструктивен дијалог и заемно почитување што треба да ја води соработката меѓу двете земји, пишува во соопштението на Министерството.
Од МНР не објаснуваат на кои точно делови од интервјуто на Георгиев му укажале на амбасадорот. Шефот на бугарската дипломатија во повеќе наврати го користеше несоодветниот термин „северномакедонски“ кога зборуваше за премиерот Мицкоски и за државата. Георгиев во интервјуто се пофали дека неговата држава станала фактор во ЕУ и во регионот, со став дека Македонија тоа треба да го има предвид. Зборувајќи за премиерот Мицкоски, го нарече „северномакедонски“ премиер.
„Очекуваме од официјална Софија да упати соодветно извинување, во насока на зачувување на достоинствената и принципиелна билатерална комуникација“, додаваат од МНР во соопштението.
Изјавите на Георгиев денеска ги осуди и опозицискиот лидер Венко Филипче, а на нив одговори и премиерот Мицкоски:
Георгиев: Бугарија е фактор во ЕУ и тоа Северна Македонија мора да го има предвид