
Бугарија ќе купува ураниум од Казахстан
Казахстан е подготвен да ја снабдува Бугарија со ураниум, објави бугарската новинска агенција БТА по официјалната посета на бугарскиот претседател Румен Радев на Казахстан каде оствари средба со делегација на бизнисмени на Астана.
Препорачано
Нурлан Жакупов, директор на казахстанското владино акционерско друштво „Самрук Казина“, изјави дека Бугарија има една нуклеарна централа со два реактори и дека тоа е ветувачка област за соработка во снабдувањето на Бугарија со казахстански ураниум. „Самрук Казина“, исто така, управува со националната компанија за експлоатација и извоз на ураниум „Казатомпром“.
Пред официјалните разговори во Астана, Радев изјави дека неговата земја сака да ја подобри соработката со Казахстан во областите на транспортот, енергетиката и образованието. Тој посочи на растечкото значење на Транскаспискиот меѓународен коридор и желбата на Бугарија да воспостави поблиска соработка со земјите од Централна Азија.
Радев рече дека Транскаспискиот коридор, како мултимодална трговска рута што ја поврзува Кина преку Казахстан, Каспиското Море, Азербејџан, Грузија, Турција со Балканот и Европа, е од сè поголемо значење по прекинот на традиционалната рута преку Русија поради војната во Украина.
Радев посочи дека Бугарија веќе започнала проект за трансфер на енергија од одржливи извори од Азербејџан и други земји од Централна Азија до Црното Море и понатаму до земјите од Источна и Централна Европа.