Градежна офанзива / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Бучава, прашина и узурпирани тротоари од градилиштата им „кинат нерви“ на граѓаните

Граѓаните се сведоци и честопати реагираат за тоа што дел од градилиштата не се заштитени онака како што предвидува законот и дека скелињата висат над главите на минувачите. Кај оние што се оградени, редовно лимените тараби зафаќаат поголема површина отколку што е градежната парцела и ги окупираат тротоарите.

Градилиштата низ Скопје, кои секојдневно никнуваат на секој слободен простор, го узурпираат јавниот простор, тротоарите, дел од улиците и го прават небезбедно движењето на пешаците. Покрај тоа, постојаната бучава им го одзема мирот на жителите од соседството, а прашината која се крева го загадува воздухот.

Скопје со години е претворено во големо градилиште, а изградбата на згради не запира. Во тој поглед не помагаат ниту реакциите на граѓаните, ниту тоа што голем дел од деталните урбанистички планови веќе не поминуваат толку лесно на одобрување кај советниците, особено во оние општини каде мнозинството советници не се политички истомисленици со градоначалниците. Но, очигледно има уште многу стари ДУП-ови во кои останало уште нешто недозиградено, затоа што тешко е да се објасни поинаку она што се случува низ градот.

Градежна офанзива / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Граѓаните се сведоци и честопати реагираат за тоа што дел од градилиштата не се заштитени онака како што предвидува законот и дека скелињата висат над главите на минувачите. Кај оние што се оградени, редовно лимените тараби зафаќаат поголема површина отколку што е градежната парцела и ги окупираат тротоарите. На пешаците не им преостанува ништо друго освен да се движат по улица, а состојбата станува уште полоша кога улиците се претвораат во паркинг на „бетониерки“ и на другата механизација која им е потребна на градежниците. Блокирањето на улиците со ваквата машинерија стана секојдневие, а жителите на населбите се принудени да вртат со возилата по споредни улички за да си дојдат до својот дом.

Од општините во врска со зафаќањето на јавните површини најчесто објаснуваат дека се привремени за одредени изведби во текот на градбата, но и дека за тоа инвеститорот треба да поседува одобрение за времен режим на сообраќај издадено од надлежен орган. По завршувањето на изградбата на објектот, тротоарите и другите јавни површини што биле уништени при изградбата мора да се вратат во претходната состојба. Но, како што е познато, еден објект се гради и по неколку години и исто толку време на граѓаните им е оневозможено да ги користат тие јавни површини.

Градежна офанзива / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Во моментов се гради насекаде, но се чини во општина Центар и тоа во опфатот на плановите Буњаковец 1 и 2 се случува вистинска градежна „лудница“. Во тек е изградбата на комплексот „Треска“ на местото на поранешната фабрика, се гради речиси на секоја уличка во реонот зад Универзална сала, каде тротоарите се комплетно неупотребливи, се гради во близина на основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, покрај булеварот Свети Климент Охридски и на повеќе други локации.

Веднаш до училиштето „Песталоци“ има огромно градилиште кое не е безбедно заградено и е опасно по живот за учениците. Исто така на 10 метри има уште едно градилиште со огромна дупка и незаградено. Се плашам од помислата што може да се случи сега кога ќе затопли и ќе почнат децата повеќе да играат во дворот и да шетаат наоколу. – реагира загрижен родител во фејсбук-групата „Во одбрана на Буњаковец“.

Градежна офанзива/ Фото: Слободен печат / Драган Митрески

За ваквата состојба, како што велат тамошните жители, реагирал и Советот на родители и директорката на училиштето со апел до Општина Цџентар и до општинската инспекција да направат инспекциски надзор и да наложат дополнително обезбедување на градилиштата кои се наоѓаат во близина на училиштето – на посоченото на улицата Борка Талески, на крстосницата на Ленинова со Борка Талески кое е стотина метри подалеку, како и на градилиштето веднаш до градинката на улицата Никола Тримпаре. Како што информираат после нивното барање делумно е постапено, но, за целосна реализација на мерките очекуваат да се обезбедат и пешачки коридори по кои учениците ќе може безбедно да одат до училиште.

Градежна офанзива / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Инспекциските служби на Општина Центар повремено прават контроли на активните градилишта за да се провери дали се почитуваат мерките за одржување на градилиштата на начин што нема да ја загадува и деградира урбаната средина, но и дали е узурпиран и нарушен јавниот простор. Притоа инспекторите изрекуваат и опомени и казни, но ситуацијата не се менува.

Малтретирањето на граѓаните со бучава, прашина и узурпацијата на јавниот простор ќе се спречи само ако се намали изградбата, не само во Центар, туку и во цел град. Но, сѐ додека општините најголеми приходи имаат од комуналиите што инвеститорите ги плаќаат при издавање дозвола за градба – ништо нема да се промени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот