
Брилијантен одговор на Меси дали би му додал на Роналдо ако играат заедно
Долги години се водат полемики за тоа кој е подобар Лионел Меси или Кристијано Роналдо, но речиси никој не зборува за тоа дали тие би можеле да играат заедно во ист тим.
Последните 15-тина години поминаа во знакот на едни од најдобрите фудбалери на сите времиња, Лионел Меси и Кристијано Роналдо, и во честите полемики за тоа кој е подобар играч.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Постојано се покажуваат статистики на двајцата фудбалери, но весникот „Мундо депортиво“ одлучи да ја промени темата и ја праша првата ѕвезда на Барселона дали би му ја додал топката на Роналдо доколку играат во ист тим.
– Претпоставувам да, на крајот би му ја додал – одговори Меси.
Роналдо кој сега настапува за Јувентус и на 35 години покажува дека е еден од најдобрите фудбалери на денешницата, на 32 натпревари постигна 25 гола и постави рекорд во Серија А со тоа што постигнуваше гол на 11 натпревари по ред.
Од друга страна, Меси даде 24 гола на 31 натпревари, а згора на тоа има и импресивни 16 асистенции и не пропушти да го пофали големиот ривал.
– Нормално е дека Роналдо и понатаму постигнува голови. Тој е напаѓач со предаторски инстинкт. Сака да постигнува голови и на секој натпревар доколку му се укаже можност, тој ќе даде гол – вели Меси кој исто така открива дека нема никаква нетрпеливост меѓу нив двајца.
– Нормално дека сме во добри односи. Се уште не сме биле на заедничка вечера, но се надевам дека во иднина и тоа ќе се случи.