
Блумберг: Лула да Силва организира виртуелен состанок на лидерите на БРИКС
Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва организира виртуелен состанок на лидерите на БРИКС, закажан за една недела, за да разговараат за трговските политики на американскиот претседател Доналд Трамп, потврдија извори запознаени со планот.
Препорачано
Двајца бразилски владини претставници, зборувајќи под услов на анонимност, потврдија за Блумберг дека бразилскиот претседател сака да разговара не само за царините што ги наметна американската влада, туку и да ги собере колегите лидери на големите земји во развој во поддршка на мултилатерализмот.
Деталите за поканата за виртуелниот состанок сè уште не се официјално објавени.
Трамп го стави Бразил во центарот на својата глобална трговска војна во јули, заканувајќи се дека ќе воведе повисоки царини доколку Врховниот суд на земјата веднаш не го запре судењето на поранешниот претседател Жаир Болсонаро по обвинението за обид за државен удар.
Американскиот претседател, исто така, се закани дека ќе воведе дополнителни царини за земјите од БРИКС поради нивните напори да ја намалат својата зависност од доларот преку проширување на трговијата со локални валути.
БРИКС е меѓународна асоцијација основана од Русија, Кина, Индија и Бразил, а на која ѝ се придружи и Јужна Африка во 2011 година.
Бразилската влада го презеде претседателството со БРИКС на 1 јануари оваа година.