
Битолските логопеди загрижени, 80 проценти од децата во градинките имаат говорни нарушувања
Речиси 80 проценти од децата згрижени во градинката „Мајски цвет“ во Битола имаат говорни нарушувања. Некои од тие нарушувања во говорот кај децата во предучилишна возраст се во полесна форма, но, има и такви што се навистина сложени.
Препорачано
-Во изминатите години бројките на деца со говорни нарушувања не беше толку голема, меѓутоа во последно време, бројките се да речам загрижувачки и алармантни. Во нашата градинка забележуваме дека кај децата на тригодишна возраст, а и кај помалите има целосно отсуство на говор. При дијагностика што ја правам јас во градинката, задолжително во комуникација со воспитувачите и со родителите, се започнува дијагностика од три годишна возраст и работа со тие дечиња. Секогаш сме во интензивна комуникација со Центарот за рехабилитација на говор во Битола и доколку е потребно парарелно работам и јас како логопед заедно со Центарот-вели м-р Билјана Беделовска, логопед во детската градинка „Мајски цвет“ во Битола.
Според неа, во зависност од тоа за каков вид на говорно нарушување станува збор, така се одвива и текот на корекцијата. Затоа, најчесто децата од четири до шест годишна возраст ги третираат интензивно за да можат да бидат подготвени за на училиште.
-Меѓутоа, кај оние дечиња кај кои ние тука во градинките нема да успееме до шест годишна возраст да им помогнеме, веднаш во прво одделение се вклучува Центарот за рехабилитација на говорни нарушувања. Стручњаците оттаму повторно ги следат децата и се продолжува со таа корекција и таа не застанува со заминувањето на децата од градинка, туку работата со нив продолжува и понатаму. Но, оние полесни говорни нарушувања кај децата ги решаваме до нивното поаѓање на училиште-вели логопед Беделовска.
Според неа причините за нарушување на говорот кај децата се најразлични. Може да станува збор за органски нарушувања и доколку тоа го забележи, таа веднаш детето го праќа кај специјалист.
-Но, може да станува збор за нарушување во говорот од психолошки аспект и детето да не сака да зборува бидејќи се наоѓа во една комфорна зона и комуницира само со родителите во домот, но, развојот на говорот не преминува на следно ниво, и тој психолошки момент може и лесно да се надмине. Но, доколку забележиме дека состојбата на детето е сериозна, во тој случај задолжително ги вклучуваме и психолозите. Јас во неколку наврати и на работилници ги советувам родителите кога се дома со децата секоја активност што ја извршуваат да им се кажува и прераскажува на детето. Родителите да го зголемуваат нивниот фонд на зборови и на таквиот начин да се развива говорот кај децата-додава логопед Беделовска и додава дека децата не треба да претеруваат со користењето на мобилните телефони и компјутерите, бидејќи и тие доколку соодветно не ги користат, може да доведат до нарушување во говорот.
Ги советува родителите содржините што им ги даваат на децата да ги гледаат преку мобилните телефони да бидат соодветни за нивната возраст и да го поттикнуваат говорот кај децата, нивното внимание и концентрацијата. Но, и содржините што децата ги гледаат преку електронските уреди да бидат на македонски јазик.
-Мобилните телефони и компјутерите на некои деца негативно им влијаат на говорот, бидејќи тие влегуваат во имагинарен свет и не сакаат да комуницираат со околината. Ги советувам родителите кога децата ќе пројават интерес за некоја активност, тие треба да седнат и да работат со нив. На пример, ако детето има желба да игра со тесто, тоа да го направат, и при играта да разговараат со детето. На тој начин се поттикнува комуникацијата меѓу родителите и децата-вели логопед Билјана Беделовска.
Таа неодамна беше на обука во организација на МТСП со поддршка на Светска банка на тема: „Инклузија и средина за учење, мерки и активности за подобрување на социјалните услуги и подобрување на квалитетот на вработените во градинките“.
Обуката ќе им помогне на вработените во градинките да можат квалитетно да работат со децата коишто имаат потешкотии во нивниот развој, ако се земе предвид дека инклузијата започнува и во градинките, да можат и воспитувачите и целиот персонал во градинките да се подготвени за таа инклузија, додава м-р Билјана Беделовска, логопед во детската градинка „Мајски цвет“ во Битола.