
Битола ќе добие комплетен видео надзор
Со видео надзорот ќе бидат опфатени клучните сообраќајници, парковите и основните и средните училишта во Битола.
Препорачано
Физибилити студијата ја изработи фирмата „Кабтел“ од Скопје која ги исполни условите од проектната задача за потребите на градот од видео надзор, методологијата по која ќе се иразботи оваа физибилити студија, опремата што ќе се вгради при изведбата во втората фаза од проектот.
-Од наша страна беше направено мапирање, зонирање на градот и беа опфатени повеќе нивоа на објекти, во кои пред се ќе бидат влезовите на Битола како клучни точки во сообраќајното решение. Тука ќе се опфатат клучните раскрсници, пешачките зони каде што има движење на граѓаните, основните и средните училишта, делот со најамбиенталната улица Широк Сокак каде што има најголемо движење и одредени клучни точки што беа посочени од Општина Битола- рече на денешната презентација на физибилити студијата за видео надзор, Тони Георгиев од фирмата „Кабтел“ од Скопје.
Тој додаде дека локациите ќе бидат опфатени од повеќе агли, за да може сето тоа да биде мониторирано и гледано од еден мониторинг центар.
-Се водеше сметка опремата да биде од светски бренд, да може и понатаму да биде надградлива. Од аспект на приватноста, во самата студија стручни лица работеа во правниот дел каде што се опфатени сите аспекти од заштита на личните податоци и заштита на сигурноста на граѓаните, каде е потребно да се заштити приватноста а каде треба да биде изложена за да може да се мониторира и да се заштити безбедноста на граѓаните- вели Георгиев.
На денешната презентација беше истакнато дека во физибилити студијата за видео надзор на градот Битола се ставени сите директиви на Европската унија.
-Ако се земе предвид фактот дека личните податоци како загарантирана безбедност на граѓаните го оправдува поставувањето на видео надзор за да се зголеми нивото на безбедност и да се добие една кохезија на едно мирно движење на луѓето. Но, покриено е со сите членови од Законот што се во македонскиот правен систем-рече Тони Георгиев.
За проблемот со бездомните кучиња, со видео надзорот општинските органи ќе знаат каде ќе треба соодветно да реагираат.
Инаку, фирмата „Кабтел“ од Скопје за само триесет дена ја подготви физибилити студијата за видео надзор на градот Битола.
Според градоначалникот Тони Коњановски, физибилити студијата за видео надзорот ќе даде една реална слика и на можностите и на потребите, за поголема безбедност на граѓаните, и во сообраќајот и на урбаната опрема.
-Видео надзорот е вообичаена пракса во сите европски градови. Денеска, ни се презентираат можностите и целата опрема што треба да се постави. Реализацијата на овој проект за Битола ќе биде мошне значајна, но, мора да се има предвид фактот дека неговата реализација не е воопшто едноставна, бидејќи се работи за еден мошне комплексен проект што ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните- рече на денешната презентација во салата на Советот на Општина Битола, градоначалникот Тони Коњановски.