Славко Лазовски / Фото: Слободен печат - Методиј Здравев

Биди господин, не пуши

Неопходно е што поскоро сите образовни институции и здравствените установи во земјава да станат предмет на целосна забрана за пушење. Истото треба да важи и за државните тела и органи за да се демонстрира значајната улога на државната администрација во борбата против пушењето, а работодавачите мора да имаат законска обврска да им обезбедат заштита на вработените од пасивното пушење на работното место.

Дали може да се помириме со податокот дека имаме двојно повеќе пушачи од светкиот просек? А светскиот просек го сочинуваат Кина, Индија и африканските земји. Еве што покажуваат бројките: Нашата земја е рангирана меѓу десетте земји во светот со највисока стапка на пушачи која достигнува 48,4% од возрасното население. Просекот во Југоисточна Европа е 37,6%, во Европската Унија е 18,4%, додека светскиот просек е 22,3%. Во Македонија се започнува со пушење на многу рана возраст, секој втор пушач започнува да пуши помеѓу 18 и 24 години. Грдата слика се дополнува со тоа што имаме многу тешки пушачи, односно 44,4% од нив пушат повеќе од 20 цигари дневно.
Можеби, сликата ќе ни стане појасна ако направиме кратка компарација меѓу нашата земја, Германија и Франција на пример.

Франција

Франција станува водечка земја во Европа во борбата против чадот од цигарите.
Таму забраната за пушење станува сѐ построга. Пушењето е забрането и на плажите, на автобуски станици и во парковите, а според анкетите, мнозинството го поддржува заострувањето на мерките.

Се стремат кон „генерација без тутун“. Со ова, Франција има за цел да ги заштити децата, особено од пасивна консумација на тутун, па до 2032 година во Франција треба да се одгледа „генерација без тутун“. Пушењето во Франција годишно убива 75.000 луѓе, а пасивното пушење секоја година предизвикува до 5.000 смртни случаи. Често се нагласува дека тоа е најчестата причина за смрт што може да се спречи. Во Франција продажбата на тутунски производи значително се намалува.
Интересно е да се спомене дека нема повеќе табли „Забрането пушење“, туку „Само тука е дозволено пушење“.

Германија

Во Германија, ситуацијата е малку поинаква. Пушењето е дозволено во парковите, на железничките перони, па дури и на многу издвоени места во баровите и кафулињата, а нема општа забрана на плажите.

Во 2020 година, Германија воведе заострување на прописите. Рекламирањето на тутунски производи и електронски цигари е забрането, освен нивното поставување во излозите на продавниците што ги продаваат овие производи. Овие правила важат и за електронските цигари без никотин.
Според Институтот „Роберт Кох“, во Германија приближно 127.000 луѓе умираат секоја година од последиците од пушењето. Истиот институт објави податок дека 17% од случаите на канцерогени заболувања во Германија се директна последица од пушењето.

Податоците покажуваат дека приближно 3 отсто од Германците консумирале електронски цигари на крајот на 2024 година. Притоа се истакнува дека малку се знае за долгорочните ефекти врз пушачите и пасивните пушачи. Електронските цигари моментално содржат помалку канцерогени и други опасни супстанции по здравјето, но ова не ги прави овие уреди за загревање на тутун и испарување безбедни. Никотинот создава зависност и предизвикува кардиоваскуларни заболувања и мозочни удари. Дури и течностите без никотин можат да содржат штетни супстанции и да предизвикаат алергиски реакции. Експертите силно советуваат да не се гледа на електронските цигари како поздрава алтернатива на традиционалните цигари.

Интересно е да се наведе дека граѓанските здруженија и опозициските партии иницираа референдум во Германија, на кој речиси 61 процент гласаа за целосна забрана за пушење во рестораните, што е јасен знак дека времето за забрана за пушење навистина доаѓа.
Треба да се знае и дека Сојузната влада на Германија се подготвува да ги зголеми даноците на тутунските производи.

Македонија

Законот за заштита од пушење на РСМ е веќе застарен и мора да се менува во насока на прифаќање на препораките на Светска здравствена организација и регулативата на ЕУ. Тој е неконзистентен и полн со исклучоци, а исклучоците го отежнуваат спроведувањето на забраната и создаваат несигурност кај субјектите.

Законот не предвидува заштитни мерки од ризиците поврзани со пасивното пушење. Не предвидува дека превенцијата од пушење кај младите е еден од најголемите приоритети.

Освен тоа, немаме стратегија за борба против пушењето. Од поранешните братски републики само Словенија одамна ја има, но тоа не е оправдување за другите. Во регионот, БиХ има најквалитетен закон за заштита од пушење, можеби затоа што датира од 2022г.

Она што е неопходно е што поскоро сите образовни институции и здравствените установи да станат предмет на целосна забрана за пушење. Истото треба да важи и за државните тела и органи, за да се демонстрира значајната улога на државната администрација во борбата против пушењето.

Работодавачите мора да имаат законска обврска да им обезбедат заштита на вработените од пасивното пушење на работното место.
Според СЗО, во светот, еден од двајца корисници на тутунски производи кои не се откажуваат од пушењето умира од овие последици.
Децата и младите особено се онаа категорија што мора да биде многу подобро заштитена од штетното влијание од пушењето.

Да веруваме дека децениското заостанување ќе го надминеме наскоро, особено кога станува збор за заштита на непушачите, со нова законска регулатива за рекламирање и достапност на тутунските производи, како и строги забрани за пушење, дури и на отворено.

(Авторот е претседател на Сојузот за борба против пушењето ,,ПРЕВЕНТИВА“)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот