
БИА со домашен „црв“ следела телефони на српски новинари и активисти
Српски агенти инсталирале домашно изработен „црв“ на телефони на новинари и активисти за да ги следат нивната локација, комуникација и активност, тврди невладината организација Амнести интернешнел, врз основа на сведоштва и дигитална форензика на апарати.
Препорачано
Во два случаи, телефоните на жртвите биле отклучени со софтвер на израелската компанија за уреди за надгледување „Селебрите ДИ“. За следење бил користена програмата „новиспај“, која овозможувала правење снимки од екранот, копирање на контактите и други показатели од мобилните телефони. Податоците биле префрлани на сервер под контрола на властите, се наведува во извештајот на Амнести.
Министерството за надворешни работи на Србија, Министерството за надворешни работи и службата за безбедност БИА не одговориле на барањето за коментар испратено на 12 декември, наведува Ројтерс.
Амнести интернешнел наеведува и сведоштво на српски активист, кој забележал дека апаратот споделил контакти веднаш по средба во просториите на БИА. Анонимниот активист изјавил за Ројтерс дека телефонот го предал на експерти за дигитална форензика, кои откриле дека контактите, како и приватни фотографии, биле префрлени до сервер на БИА преку уфрлената програма „новиспај“.
Шефот за маркетинг на „Селебрите“, Давид Ги, изјави дека компанијата ги истражува тврдењата на Амнести интернешнел.
– Ако овие обвинувања се покажат како точни, тоа може да биде нарушување на договорот за користење – изјавил Ги за Ројтерс.
Во таков случај компанијата ќе престане да им дозволува на српските власти да ја користат технологијата на „Селебрите“.
– Ние апсолутно не ставаме софтвер за надгледување на уреди – истакнал шефот за маркетинг.
Производите на „Селебрите“ се користат ширум светот од служби и агенции за безбедност за деблокирање на заклучени телефони заради истрага. Технологијата на израелската компанија ја користи и Федералното биро за истраги на САД.
Амнести тврди дека Србија ги добила апаратите од „Селебрите“ како дел од поголем пакет, нарачан заради „исполнување на условите за интеграција во Европската Унија“. Пакетот бил финансиран од владата на Норвешка, а бил администриран преку Канцеларијата на Обединетите нации за проектни служби (УНОПС). Пакетот му бил испорачан на Министерството за внатрешни работи на Србија во периодот од 2017 до 2021 година за да помогне во борбата против организираниот криминал.
Норвешка во 2018 година привремено престанала да ѝ испорачува на Србија уреди од израелската фирма. Амбасадата на Норвешка во Белград изразила загриженост поради можна злоупотреба на програмата, но УНПОС сепак ги испорачал уредите во јуни 2019 година.
– Тврдењата во извештајот се вознемирувачки, а ако се покажат за точни, тие се неприфатливи. Ќе се сретнеме со срспктие власти, како и со УНОПС до крајот на месецот за да добиеме повеќе информации за прашањето. Очекуваме УНОПС да ги истражи тврдењата – изјави Марија Вартересјан, заменичка министер за надворешни работи на Норвешка.
УНОПС соопшти дека го поздравува извештајот на Амнести интернешнал и додава дека по 2017 година „понатамошно ги надградиле механизмите за спречување потенцијално непосакувани ефекти“.