Знамиња на Косово и САД / Фото: скриншот

Без поддршка на САД нема суверенитет на Косово, итно формирање на институциите, повика Советот за албанско-американски односи

Советот за албанско-американски односи (AARC) изрази длабока загриженост поради одлуката на Соединетите Американски Држави да го суспендираат Стратешкиот дијалог со Косово, оценувајќи дека тоа е алармантен развој на настаните што бара итна реакција од политичкото раководство на Косово.

„Веќе некое време, AARC предупредува за ерозија на партнерството меѓу Косово и САД. Дипломатските односи се на најниско ниво досега, а суспендирањето на Стратешкиот дијалог е најновиот и најалармантен пример за ова влошување. Овој тренд мора веднаш да се промени. Враќањето на довербата и партнерството бара тесна координација со Соединетите Американски Држави на сите нивоа“, се вели во соопштението на AARC.

Оваа организација вели дека нема суверенитет за Косово без поддршка од СAД и повикува на итни мерки за формирање функционални институции.

„Неможноста и неподготвеноста за вклучување во дијалог создадоа екстремна поларизација во Косово. Дури и прашањата што се јасно дефинирани со Уставот станаа предмет на непотребни правни и уставни спорови. Патриотизмот и љубовта кон Косово не припаѓаат на ниту еден поединец или политичка партија. Напротив, владите – без разлика дали се технички или со целосни мандати – и политичките партии имаат обврска да водат одговорно и да создадат средина за политички дијалог. Прашањата за суверенитетот, меѓународните обврски, независноста и другите клучни државни обврски се интереси на целиот народ на Косово, а не само на една партија или влада“, се нагласува во рекацијата, пренесува Клан Косова.

Во рекацијата, исто така, се предупредува дека проамериканскиот дух на народот на Косово не смее да се користи за политички цели и укажува на неправдата на сегашната ситуација во која, како што велат, Косово е критикувано, додека Србија добива поддршка.

„Во исто време, мора да ја истакнеме длабоката неправда на моменталната ситуација: додека Косово е остро критикувано, Србија – чие раководство отворено се усогласува со Русија и Кина и која спонзорира нестабилност во регионот, вклучително и паравоени упади во Косово – е наградена со состаноци на високо ниво со американскиот државен секретар и разговори за стратешко партнерство. Сепак, оваа реалност не го ослободува Косово од неговите одговорности. Косово мора да се погледне во себе, да преземе корективни мерки и да ја покаже зрелоста на своите институции и политичко раководство.“ пишува во реакцијата.

AARC, исто така, ја нагласи потребата од посилно институционално лобирање во Вашингтон.

Советот за албанско-американски односи ги повикува институциите и политичкото раководство на Косово да се соочат со овој момент на криза, да дејствуваат со единство и одговорност и да обезбедат партнерството со САД да остане силно, ефикасно и ориентирано кон иднината.

Соединетите Американски Држави го суспендираат на неодредено време стратешкиот дијалог со Косово, поради загриженост во врска со активностите на техничката влада во Приштина, соопшти амбасадата на САД во Приштина.

Косовската претседателка Вјоса Османи, се огласи изразувајќи загриженост, но и жалење поради ваквата одлука на САД.

Кулминација на тензиите меѓу Вашингтон и Приштина – замрзнат стратешкиот дијалог САД-Косово

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот