Беса Адеми / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Беса Адеми ги посети сите судови: Потреби се итни мерки за да се надминат проблемите со кои се соочуваат судовите

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, остварила работни посети на сите апелациони и основни судови, како и на Управниот и Вишиот Управен суд.

Со посетите на судовите, како што соопшти Врховниот суд, се овозможи непосреден увид на состојбите и проблемите со кои се соочуваат судовите, а кои предизвикуваат реперкусии во нивното функционирање.

-Воедно, посетите имаа за цел да се унапреди соработката помеѓу судовите во Република Северна Македонија, заснована на принципите за независност на судството од законски, функционален и финансиски аспект, велат од Судот.

Во рамки на посетите била истакната потребата од континуирана соработка, надминување на проблемите со човечките ресурси и недостигот на судии и судска администрација, потребата од ефикасно и ажурно постапување по предметите, особено по предметите од висок јавен интерес и донесувањето на внатрешни процедури за работата на судовите.

Исто така, била нагласена потребата од унапредување на транспарентноста согласно начелата за отворено судство, ажурното подготвување на проектите за капитални инвестиции, архивското работење и начинот на функционирање на информатичкиот систем во судовите.

-Претседателите на пониските судови го истакнаа значењето на работните посети и ги поздравија заложбите на Врховниот суд и претседателката Адеми, нагласувајќи дека на таков начин се унапредува взаемната соработка и се дава поддршка на целокупниот реформски процес, се наведува во соопштението.

На работните посети било заклучено дека постои неопходна потреба од конкретен план, итни мерки и институционална координација за да се надминат проблемите со кои се соочуваат судовите.

-Извештаите од посетите на пониските судови ќе бидат разгледани на Општа седница на Врховниот суд и ќе бидат доставени до Судскиот совет на Република Северна Македонија, се посочува во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот