
Бехатонот го замени асфалт, но подигнатите премини на улица Орце Николов ќе бидат видливи, тврдат од Центар
Граѓаните имаа многу забелешки на премините, пред сѐ дека се стрмни, а потоа на премините почнаа да се појавуваат бразди и брановидни искривувања, но останува нејасно зошто наместо бекатон плочки со кои пешачките премините беа повидливи за возачите, сега се поставува асфалт.
Улицата „Орце Николов“ во делот што поминува низ општина Центар, поточно низ Дебар Маало, само пред четири години беше комплетно реконструирана. Со новиот проект се стесни коловозот на улицата за шест метри, се изведе нов кружен тек, се изведоа велосипедски патеки одделно од пешачките во должина од 2.400 метри и беа направени подигнати пешачки премини за поголема безбедност на минувачите, но и за смирување на сообраќајот на оваа улица.
Препорачано
Целосното уредување на улицата, кое се одвиваше во повеќе фази за да не се попречува комплетно одвивањето на сообраќајот, ја чинеше Општината околу 70 милиони евра.
Интересни беа подигнатите пешачки премини, кои во исто време служеа и како „легнати полицајци“. Беа поплочени со бехатон-плочки и видливо обележани за возачите навреме да ги забележат и да ја намалат брзината.
Се отстрануваат „бекатонките“ од улицата Орце Николов и се става асфалт
За многумина граѓани ова решение придонесе улицата да наликува на сообраќајниците од западноевропските земји, иако имаше и такви што негодуваа дека сега по Орце Николов се вози тргни-застани и дека ваквите премини предизвикуваат сообраќаен метеж.
Деновиве градоначалникот Горан Герасимовски соопшти дека на барање на граѓаните се заменуваат старите бехатонски премини со асфалт.
Реконструкцијата на улицата Орце Николов со отстранување на оштетените бехатонки на старите лежечки полицајци и поставување нов асфалт значи подобрување на безбедноста и квалитетот на сообраќајот. Со оваа мерка се принудуваат возачите да ја намалат брзината, со што се намалува ризикот од несреќи и се штитат пешаците и учесниците во сообраќајот. Старите оштетени лежечки полицајци можеа да предизвикаат опасност во сообраќајот, како и оштетување на возила – информира Герасимовски.
И навистина, граѓаните имаа многу забелешки на премините, пред сѐ дека се стрмни, а потоа на премините почнаа да се појавуваат бразди и брановидни искривувања, што предизвикуваше уште поголеми реакции од граѓаните. Неквалитетната изведба си го направи своето, па зачестија и барањата за нивна реконструкција.

Сепак, останува нејасно зошто наместо бехатон-плочки со кои премините беа повидливи за возачите сега се поставува асфалт, но забележливо е дека со најновата реконструкција се изведуваат со многу поблаг наклон, што секако ќе биде поприфатливо за возачите.
Од Општина Центар тврдат дека иако се асфалтни, подигнатите пешачки премини, односно „легнатите полицајци“ ќе бидат јасно обележени и видливи. Како што посочуваат оттаму, санацијата била неизбежна.
Поради зголемена фреквенција на возила се појавија колотрази, оштетувања на лежечките полицајци. Тие се во процес на санација и ќе бидат обележени во согласност со Законот за безбедност во сообраќајот. Работите ги изведува фирмата „Изолација“, која има склучено договор за санација на јавните површини. Вкупниот годишен договор за целата територија на Општина Центар е објавен на страницата на Бирото за јавни набавки. Санација се реализира по барање на граѓаните поднесено на Маалските средби организирани во јуни – објаснуваат од Општина Центар.
Од Општината не одговорија колку пари ќе се издвојат од општинскиот буџет за овие градежни активности, но според податоците објавени на Бирото за јавни набавки, договорот со фирмата „Изолација“ е склучен на 30 мај, а вредноста на договорот е речиси 15 милиони денари.