
Базенот „Карпош“ затворен на најмалку еден месец, 30 пливачки клубови „на суво“
При последното реновирање на базенот во 2010 година, на покривот биле монтирани дополнителни мрежи, шипки и профили за потпора на челичниот столб, кои не биле соодветни за специфичните услови на базенот со влага и висока температура. Тие денеска се кородирани, а дел од нив и откачени од челичната потпора.
Базенот при спортско-рекреативниот центар „Борис Трајковски“, односно базенот „Карпош“, една од најпосакуваните локации за рекреативни и професионални пливачи, од 22 април е затворен за употреба поради санирање дефект, откако од таванот паднало парче. Поради тоа околу 30 клубови најмалку еден месец ќе останат без простор за тренинг на пливачите.
Препорачано

До „Слободен печат“ пристигнаа неколку реакции од граѓани, кои алармираа дека базенот е затворен поради уривање на покривот, па по „допрен глас“ отидовме на терен за да дознаеме за што точно станува збор.
Во разговор со директорот на спортскиот комплекс Данијел Апостолоски, а и од она што видовме, се покажа дека информациите дека е целосно паднат покривот, се тотално невистинити.
– Како што можете да видите, покривот е цел и нема колабирано врз базенот. Станува збор за пад на една од лајсните од кровот, која е навистина лесна и поради огромната влага што ја има во базенот, што е нормално, се имаше откачено. Лајсната беше пронајдена падната на плочките покрај базенот од страна на вработените во период кога таму немало никој, ниту внатре ниту надвор од базенот. Тоа беше индикатор за нас да провериме каква е состојбата на другите делови од покривот што се невидливи за пливачите и за гостите, па затоа ги повикавме луѓето од Градежен факултет да направат проверка на сите останати слоеви – вели Апостолоски.

Тој објасни дека покровот е направен терцијално, составен од три слоја, примарна со главна челична потпора, потоа секундарна од типот на метална мрежа што ги спојува белите плочки што се видливи за гостите со челичната конструкција. а во еден од нив се наоѓа главниот челичен столб, носител на целиот објект со голем број странични помали железни приклучни шипки.
Според директорот, челичниот дел е поставен во 1979 година со самото отворање на базенот и според извештаите од Градежниот факултет е цврста и сигурна потпора, но при последното реновирање на базенот во 2010 година биле монтирани дополнителни мрежи, шипки и профили за потпора на челичниот столб, кои не биле соодветни за специфичните услови на базенот како влага и висока температура. Тие денеска се кородирани, а дел од нив и откачени од челичната потпора.

– Проблемот се сите мрежи, шипки и профили што биле поставени, при тоа реновирање биле додавани материјали што не кореспондираат со средината каде се монтираат, од типот влага во воздухот и температура во објектот, а дополнително не била поставена и антикорозивна боја, специфична и исклучително важна за објекти од овој тип – објаснува директорот.
Апостоловски истакна дека во извештајот направен од Градежниот факултет е посочено дека поради тоа што голем дел од приклучните шипки се кородирани, потребна е итна реакција за нивно санирање или целосно менување за да се заштитат пливачите и вработените од каква било повреда или некоја трагедија од поголеми размери. Затоа, во наредниот период ќе биде ангажирана фирма специјализирана за санација на проблеми од овој карактер, а според Градежниот факултет, привремената санација на најважните делови од покривот, ќе трае најмалку 30 дена.

Прашан за ситуацијата во која поради затворањето на базенот се најдоа пливачките клубови, кои се корисници на овој базен, директорот одговори дека на заеднички состанок со тренерите ги информирал за ситуацијата, дека базенот нема да работи подолго време сѐ до привременото санирање на покривот.
Неофицијално дознаваме дека на клубовите им било сугерирано во наредниот период како алтернатива да го користат спортскиот базен во Куманово сѐ додека не биде саниран покровот на „Борис Трајковски“, што е за нив неприфатливо.

Базенот е затворен од пред два дена и така ќе биде сѐ додека не завршат поправките што ќе траат во наредниот месец, а ако е потребно и повеќе, со цел објектот да биде сигурен за корисниците. По завршувањето на летната сезона, како што најави Апостолоски, доколку се обезбедат потребните средства ќе се направи санација на целиот објект, која би почнала во октомври или ноември.
– Планираме сериозен проект по завршувањето на летната сезона, но сега сме фокусирани на решавање на овој проблем. Во комуникација сме со Владата и оттаму засега има слух и поддршка бидејќи ние како установа немаме доволно средства за целосно да покриеме проект од таков размер – вели директорот.
Доколку ја добијат финансиската помош од Владата, би се направило реновирање на целиот покрив, на двете нивоа под базенот, на тоалетите, на базенот и на сите други делови што ги користат посетителите.