
Банкарскиот сектор плива во профит
Во октомври 2024 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 5,38 проценти, додека каматна стапка на вкупните депозити изнесува 2,07 проценти. Високата каматна маргина е честа тема на критики, но таа и понатаму останува голема.
Банкарскиот сектор направил вкупна добивка откако е платен данокот од околу 242 милиони евра, покажуваат податоците од Народна банка за оваа година, заклучно со октомври. Народната банка ги анализира податоците на сите 12 комерцијални и на државната Развојна банка. Според податоците, банките за овие 9 месеци направиле поголема добивка за 45 милиони евра во однос на првите 9 месеци од 2023 година.
Препорачано
Податоците покажуваат дека во првите 9 месеци од годинава банките банките направиле заеднички нето-приход од камати од 188,6 милиони евра. Притоа, банките од каматите наплатиле речиси 227 милиони евра, а за истиот период на депонентите им платиле камата за парите што им се во банка износ од 38,3 милиони евра. Ваквата голема разлика меѓу она што го добиваат банките како цена на парите и она што го даваат, се должи на големата разлика помеѓу каматите. Според последните податоци од Народната банка, во октомври 2024 година просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 5,38 проценти, додека каматната стапка на вкупните депозити изнесува 2,07 проценти. Високата каматна маргина е честа тема на критики, но таа и понатаму останува голема. Голема приходна ставка се и разните надоместоци и приходи што ги наплатуваат банките. Годинава, заклучно со 30 септември, банкарскиот сектор направил приходи од надоместоците во износ од 104,7 милиони евра. Истовремено и банките морале да платат износ од 38 милиони евра за разни надоместоци. Значи, нето-износот од приходи од надоместоци и камати на банкарскиот сектор е 66,7 милиони евра.
Од минатата година, во согласност со Законот за платежни услуги и платни системи, банките мора да ги информираат граѓаните колку вкупно платиле разни надоместоци за водењето на нивните сметки. Тоа банката треба да го направи најмалку еднаш годишно. Извештаите се достапни без надоместок, на шалтерите на банката, или преку профилот на интернет-банка. Еден конкретен пример за надоместоците од 2023 година покажува вкупен износ од 2.276 денари, но секако тоа кај секого е индивидуално. Расчленето по ставки, во конкретниот пример, за водењето на трансакциската сметка годишниот наплатен износ е 480 денари, на годишно ниво користењето на стандарден пакет за електронското банкарство бил 840 денари, за налози преку електронско банкарство се платени 130 денари, годишната членарина за основната картичка е 300 денари, за готовински исплати на шалтер се потрошени 250 денари, за налози кон УЈП – 576 денари.
Најголемите профити доаѓаат од петте големи банки (според актива): Комерцијална банка, Стопанска банка АД Скопје, НЛБ банка, Халк банка и Шпаркасе банка, и тие заедно направиле нето-добивка од 218,7 милиони евра.
Податоците од Берзата покажуваат дека НЛБ банка направи нето-профит од 44,2 милиони евра, Стопанска банка – Скопје – 45,3 милиони евра, а Комерцијална банка речиси 72 милиони евра.