Бадентер останува главоболка за власта, и омбудсманот на почек!

Координаторот на Европскиот фронт предводен од ДУИ, Блерим Беџети е дециден дека нема да го поддржат предлогот Фатон Сељими да биде народен правобранител бидејќи се работело за партиски човек, советник во општина Тетово и уставниот принцип би го искористиле во корист на граѓаните, а не против нивните интереси.

Собранието сè уште нема закажано седница за избор на народен правобранител. Дали ќе имаме омбудсман пред изборите или адвокатот на граѓаните ќе се избира по избори, зависи од тоа дали ќе се обезбеди мнозинство пратенички гласови од заедниците, односно т.н. „голем Бадентер“ за кој треба да гласаат 20 пратеници од немнозинските заедници – Албанци, Турци, Бошњаци, Власи, а дел од нив не ги контролира власта, иако има стабилно мнозинство.

Од вчера пратениците се на одмор. Ретко одговараат на новинарските повици за да кажат како ќе се обезбеди ова мнозинство. Не го добивме координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, за да ни одговори дали е можно да се обезбеди потребното мнозинство пред изборите.

Координаторот на Европскиот фронт предводен од ДУИ, Блерим Беџети е дециден дека нема да го поддржат предлогот Фатон Сељими да биде народен правобранител бидејќи се работело за партиски човек, советник во општина Тетово и уставниот принцип би го искористиле во корист на граѓаните, а не против нивните интереси.

Тој не сакаше да коментира дали од нивните гласови зависи мнозинството за да се избере народен правобранител, но сепак индиректно потврди дека како пратеничка група која брои најмногу пратеници од немнозинските заедници заедно со тројцата пратеници од Алијансата на Таравари со кои се во коалиција за локалните избори, ги обезбедуваат клучните гласови за ова мнозинство.

Халил Снопче од Алијанса за Албанците за „Слободен печат“ вели дека во никој случај нема да гласаат за предлогот, затоа што е политички предлог за кој не биле консултирани. Тој нагласува дека Сељами е предложен еднострано, наместо со договор за личност што не е поврзана со политички партии и која би била достојна за вршење на функцијата Народен правобранител.

– Ние воопшто не бевме консултирани. За ДУИ не знам дали имале разговори со нив, но ако имаа мнозинство, ќе го изгласаа на последната седница. Без гласовите на ДУИ не би го избрале – вели Снопче.

За да се обезбеди „мал Бадентер“, треба да има мнозинство гласови од присутните пратеници што им припаѓаат на немнозинските заедници, додека за да се обезбеди „голем Бадентер“, што е потребен за избор на народен правобранител, треба да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници што им припаѓаат на немнозинските заедници.

Како да се обезбеди мнозинство гласови од немнозинските заедници?

 

На последниот брифинг со новинарите, собранискиот спикер Африм Гаши потсети дека законодавниот дом е во постојано заседание и дека доколку е потребно, пратениците ќе бидат повикани на седница и за време на одморот. Тој рече дека локалните избори ќе се распишат до крајниот датум, во првата половина на август, за да се остави простор да се пополнат испразнетите места на народниот правобранител и за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Гаши за „Слободен печат“ вели дека не се знае кога би била седницата, затоа што зависи од тоа дали ќе се обезбедат доволен број гласови за „голем Бадентер“.

– Ако се соберат гласови, може и пред избори да се изврши изборот – вели Гаши.  Тој додава дека не мора за „голем Бадентер“ да има гласови од ДУИ, дека треба да бидат 20 пратеници од немнозинските заедници. На нашата констатација дека сепак власта не контролира шест пратеници за да да обезбеид голем Бадентер, Гаши вели: „Пратениците не се контролираат од никого. Тие гласаат по сопствено убедување“.

На последните пратенички прашања имаше обид да се изгласа предлогот на Вреди, но оваа седница беше прекината на неодредено време. Очигледно затоа што не можеше да се обезбеди мнозинство.

Иако Гаши вели дека пратениците на ДУИ не се пресудни за „голем Бадентер“, сепак, според математиките, двојното мнозинство кое е неопходно за да се изгласаат овие функционери зависи од 18-те пратеници што се дел од Европскиот фронт на ДУИ или да се обезбедат со пратениците на Алијансата за Албанците на Арбен Таравари кој неодамна излезе од Влен, со СДСМ и Левица, кои пак заедно имаат седум пратеници од помалите заедници, што е невозможно.

Од вкупно 120 пратеници, 39 припаѓаат на немнозинските заедници, односно се дел од потребното Бадентерово мнозинство, а ВМРО-ДПМНЕ и Влен заедно имаат 14 пратеници од малцинствата, односно им недостигаат шест пратеници за да го имаат потребното мнозинство за да се изгласа новиот правобранител.

Против предлогот на Влен се изјаснија и  од Левица.

Левица против предлогот на Влен

 

Левица во реакција до јавноста кажа дека ќе гласа против изборот на Сељами за народен правобранител, бидејќи предлогот за нив е обид за партиска окупација на институцијата што по дефиниција треба да го штити народот од моќта на власта, а не да биде нејзин послушен слуга.

– Кариерата и компетенциите на предложениот кадар не гарантираат ниту стручност ниту интегритет што оваа функција го подразбира: дипломирал на Правниот факултет во Тетово со просек 7,71, магистрирал на Штуловиот универзитет со 6,9, а искуството, освен неколку семинари, се сведува на партиски унапредувања во рамките на Министерството за правда во времето на СДСМ/ДУИ. Дополнително, неговите социјални мрежи се преполни со партиски и иредентистички објави, што сосема го дисквалификува како непристрасен заштитник на уставниот поредок и интересите на сите граѓани. Со ваков избор, власта, предводена од ДПМНЕ и Вреди, продолжува да ја девалвира институцијата Народен правобранител, претворајќи ја од бранител на народот во алатка за партиски и етнополитички интереси – реагираше Левица.

Тие забележуваат и дека Македонија е еден месец е без правобранител откако уште на 12 јули Насер Зибери се пензионираше.

– Собранието, наместо според закон да распише јавен оглас три месеци пред престанокот на мандатот на претходниот правобранител, го распиша огласот на 16 јули. За нов народен правобранител сега ДПМНЕ и Вреди го предлагаат Фатон Сељами, партиски кадар на Алтернатива, член на Централниот комитет на партијата и актуелен советник во Советот на Општина Тетово, што е директно неспоиво со функцијата Народен правобранител, во согласност со законската одредба дека кандидатот мора да биде непартиски и да не врши друга јавна функција – реагира Левица.

Влен успеа да го истурка својот кандидат Сељами на Комисијата за прашања на избори и именувања, но не и на пленарна седница. На состанокот на самата собраниска комисија имаше критики за нетранспарентност на постапката, која се истурка во последен момент без дебата.

– Сметам дека во моментов немаме соодветна транспарентност, туку прекутрупа ја истеравме целата оваа процедура. Во иднина, за вакви сензитивни клучни функции би требало порано да ги детерминираме и да ги детектираме сите овие состојби и да имаме еден транспарентен, навремен процес за да бидат информирани и граѓаните, но и ние како пратеници – рече членката на Комисијата, пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска.

Со критики за нетранспарентност на постапката, без јавна дебата и во последен момент, собраниската Комисија за прашања на избори и именувањата го утврди предлогот на владејачката Вреди, Фатон Сељами да биде избран за нов народен правобранител, на местото на Насер Зибери, кој на 12 јули ги исполни условите за пензија.

Тетовецот Сељами е дипломиран правник, магистер по правни науки и со положен правосуден и нотарски испит. Од вкупно 17 пријавени кандидати, тој беше предложен од пратеникот на Вреди, Беким Ќоку, кој не ги штедеше пофалбите за него дека ги исполнува сите услови и критериуми што се поврзани со таа функција.

Тој во моментов е советник во Општина Тетово како претставник на Алтернатива, партија од која доаѓа и собранискиот спикер Африм Гаши. Сељами на својот фејсбук-профил има заеднички фотографии и со Гаши и со градоначалникот на Тетово Биљал Касами, но во официјалната биографија што ја доставил во Собранието, нема напишано дека е советник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот