
Бабите и дедовците во Хрватска ќе добиваат 360 евра месечно за чување внуче
Градот Самобор стана првиот град во Хрватска што ја воведе мерката „Баба-дедо сервис“, која им овозможува на бабите и на дедовците да добиваат по 360 евра финансиски надоместок за чување внуче на возраст од една до четири години. Надоместокот е еднаков на субвенцијата што ја дава градот за приватните градинки и дадилки, пренесува српски Дневник.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Мерката е направена по углед на Шведска, но е приспособена на локалните потреби. Придобивките се повеќекратни: пензионерите добиваат дополнителен приход, родителите полесно ја организираат грижата за децата, а семејните врски дополнително се зацврстуваат.
„Оваа мерка има цел да им го олесни на родителите усогласувањето на семејните и работните обврски, да обезбеди финансиска поддршка за пензионерите и да ја зајакне меѓугенерациската солидарност “, изјави градоначалничката Петра Шкорбот.
Мерката се применува од април годинава и досега ја користат 37 баби и дедовци.
Правото на овој надоместок го остваруваат родителите или старателите, но само за деца на возраст од 1 до 4 години што не се запишани во градинка или не користат дадилка. Дополнителните услови се: хрватско државјанство, живеалиште на подрачјето на Самобор и вработеност на двајцата родители или нивни статус на редовни студенти.
Исто така, бабите или дедовците што сакаат да примаат надоместок мора да имаат пензионерски статус, живеалиште во Самобор и да бидат здравствено способни за грижа околу внуците.